ЕСМ го презема управувањето на БЕГ и Скопје Север од 21. јануари


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


АД ЕСМ од петок 21 јануари ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север за што претходно на седница одлука ќе донесе Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.

Тој нагласи дека одлуката ЕСМ по 21 јануари да го преземе управувањето со компаниите произлегува од уредбата која беше усвоена од страна на Владата на предлог на Министерството во текот на минатата недела.

– Најверојатно од 21 јануари снабдувањето, производството и дистрибуцијата на топлинска енергија ќе биде преземено од страна на ЕСМ, согласно договорот за деловно техничка соработка помеѓу ЕСМ и БЕГ, за време кое треба да го утврдиме до четврток, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.

Прашан колку пари ќе бидат неопходни за да се надмине кризата во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје, Бектеши рече дека калкулациите за неопходните шест милиони евра за надминување на состојбата се направени врз основа на берзанските цени на природниот гас за јануари.

– Сега ги очекуваме понудите за февруари и март и согласно тие проекции и постојната формула на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и ЕСМ ќе се направат соодветните калкулации, прецизира Бектеши.

Тој истакна дека долговите што ги прават БЕГ и АД Скопје Север кон АД ТЕ-ТО и Макпетрол за снабдување со гас во изминатите неколку дена заклучно со 21 јануари ќе треба да си ги решат сами приватните компании со меѓусебни договори за одложено плаќање или на некој друг начин.

– Од 21 јануари натаму се до денот до кога ќе управува ЕСМ со БЕГ и Скопје Север тоа ќе биде обврска на ЕСМ да ги води сите постапки и да ги надмирува сите обврски, но истовремено и да бара од нивна страна испорачување на тоа што е договорено. Немаме намера да ги преземеме обврските што ги имаат до 21 јануари, а од 21 натаму кога ЕСМ ќе управува со снабдувањето, дистрибуцијата и производството на топлинска енергија согласно договорот, кој во четврток треба да се потврди на седница на Владата, ќе си ги преземе обврските, рече Бектеши и додаде дека сите обврски што ги има БЕГ до 21 јануари ќе си останат нивни обврски.

Во четврток, потенцира тој, најверојатно ќе има нов договор меѓу ЕСМ, БЕГ и Скопје Север за кој јавноста навремено ќе биде информирана. Најверојатно, додаде Бектеши, од 21 јануари ќе има парно греење до 1:00 часот по полноќ со минимум 20 плус еден степен Целзиусов.

Прашан кој ќе одговара за настанатата ситуација со греењето во Скопје, министерот за економија посочи дека веќе има постапки во Обвинителството за издавањето на лиценците за БЕГ во 2012 година, а за обврските што ги има согласно дадената лиценца мерки ќе преземе РКЕ во моментот кога ќе биде потребно. РКЕ, како што нагласи министерот, може да провери дали БЕГ имал резерви мазут за 15-дневна работа како што произлегува од обврската од Законот за енергетика.

– Државните институции целосно се подготвени да се справуваат со енергетската криза. Затоа во Буџетот за 2022 година се предвидени ставки да им излеземе во пресрет и во случај ако има дополнителна здравствена криза истовремено и економска енергетска криза. За тоа се предвидени речиси 100 милиони евра и дополнително 30 милиони евра во друга ставка од каде можат да се користат овие средства. Таа ставка е наведена во одлуката што ја донесе Владата, посочи Бектеши.