Ердоган води после првиот изборен круг, Киличдароглу порачува дека ќе победи во вториот круг


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган има водство по првиот круг од претседателските избори во Турција, но, сепак, ќе мора да ја потврди победата на 28 мај, кога ќе се соочи со кандидатот на здружената опозиција Кемал Киличдароглу.

Повеќе од 12 часа по затворањето на гласачките места, сè уште не се објавени конечните резултати од вчерашното гласање. Шефот на Врховниот изборен совет Ахмет Јенер се огласи ноќеска по речиси 92% пребројани гласови, кога соопшти дека Ердоган е на 49,49% освоени гласови, а Киличдароглу на 44,47%. За победа во првиот круг беше потребно да се надмине прагот од 50%. И според новинските агенции „Анадолија“ и „Анка“, Ердоган и Киличдароглу немаат доволно гласови за веднаш да прогласат победа.

И двајцата ривали најавија победа во вториот круг.

„Ќе ги добиеме овие избори во вториот круг. Ердоган и неговата партија не ги добија резултатите кои ги очекуваа. Желбата за промена во општеството е поголема од 50%“, изјави Киличдароглу, кој ако победи, најави враќање на демократијата во земјата.

Ердоган им се обрати на своите поддржувачи од терасата на седиштето на Партијата за правда и развој (АКП).

„Иако сè уште ги немаме конечните резултати, ние сме во големо водство. Нашата нација ја донесе својата одлука“, изјави Ердоган.

Третиот кандидат, ултранационалистот Синан Оган, освои околу 5% гласови и сè уште не се изјаснил кого ќе поддржи во вториот круг.

Паралелно со претседателските, се одржаа и парламентарните избори. АКП освои најмногу гласови – 35% и иако се очекува да изгуби 28 пратенички места, ќе има мнозинство во парламентот во коалиција со уште три партии.