Епидемиолозите предупредуваат: Ако не се стави под контрола, коронавирусот би можел да зарази 60% од човештвото


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Водечкиот епидемиолог од Хонг Конг, професор Габриел Леунг, предупредува дека доколку епидемијата на коронавирусот не се стави под контрола, истиот може да се прошири на околу две-третини од светската популација.

Предупредувањето на Леунг доаѓа по оценките на Светската здравствена организација (СЗО) дека појавата на случаи на пациенти заразени со коронавирус кои никогаш не ја посетиле Кина би можело да биде само „врв на ледениот брег“, пренесува Дојче Веле.

Професорот Леунг, прв човек на јавното здравство на Универзитетот во Хонг Конг, вели дека најважното прашање сега е да се утврди големината и формата на ледениот брег. Повеќето експерти сметаат дека секој заразен ќе го пренесе вирусот на 2,5 луѓе во просек. Тоа претставува „стапка на напад“ од 60 до 80%.

„60 проценти од светското население е ужасно голема бројка“, изјави Леунг за британскиот весник Гардијан пред експертскиот состанок на СЗО во Женева. „Дури и доколку стапката на смртност е релативно ниски 1%, бројот на жртвите би можел да биде голем.“

На експертскиот состанок Леунг ќе порача дека главното прашање е утврдувањето на размерот на глобалната епидемија, а вториот приоритет ќе биде да се утврди дали драстичните мерки преземени во Кина успеале- и доколку е така, тој препорачува и други земји да ги преземат истите мерки. Леунг се смета за еден од водечките светски експерти за епидемијата на коронавирусот, а играше и клучна улога во спречувањето на ширењето на вирусот на САРС во 2003 година.

„Дали 60 до 80% од светското население ќе се зарази? Веројатно не. Можеби вирусот ќе доаѓа во бранови“, вели Леунг.

Експертите сакаат да утврдат дали ограничувањата во Вухан и други градови ги намалиле инфекциите.

„Дали овие масовни јавно-здравствени интервенции, социјално дистанцирање и ограничувања на движење успеаја во Кина? И доколку успеале дали може да се повлечат?“, се прашува Леунг.

Од друга страна, доколку мерките преземени во Кина не донеле резултат, тогаш неизбежната вистина е дека коронавирусот не може да се спречи. Во таков случај светот ќе мора да ги смени мерките: наместо обиди да се ограничи вирусот, ќе мора да се ублажат неговите ефекти.

Според Леунг, најголем проблем во контролата на вирусот е временскиот период во кој луѓето биле заразени но не покажувале никакви симптоми. На пример, доколку се открие некој заразен на брод или во карантин, сите останати кои биле во контакт со него треба да се држат уште најмалку 14 дена за да се биде сигурен дека и тие не се заразени.