ЕП ја усвои законската забрана за продажба на нови автомобили на бензин и дизел со емисија на јаглерод


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Европскиот парламент денеска даде одобрение за законската забрана за продажба на нови бензински и дизел автомобили што испуштаат јаглерод до 2035 година, со цел тие да се тргнат од патиштата на континентот до средината на векот.

Земјите-членки на Европската унија веќе го одобрија законодавството и сега формално ќе го прифатат како закон на претстојниот министерски состанок, и покрај противењето на конзервативните европратеници, најголемата парламентарна група.

Поддржувачите на законот тврдеа дека тој ќе им даде на европските производители на автомобили јасна временска рамка во која ќе го префрлат производството на електрични возила со нулта емисија и ќе ги поттикне инвестициите за да се спротивстави на конкуренцијата од Кина и САД.

Ова, пак, ќе го поддржи и амбициозниот план на Европската унија до 2050 година да стане „климатски неутрална“ економија, со нето-нула емисии на стакленички гасови.

„Да ве потсетам дека од минатата година до крајот на оваа година Кина ќе донесе 80 модели на електрични автомобили на меѓународниот пазар“, ги предупреди европратениците потпретседателот на ЕУ, Франс Тимерманс.

Тој додаде дека тоа се автомобили кои ќе бидат сè попристапни.

„Ние треба да се натпреваруваме со тоа. Не сакаме да ја отстапиме оваа суштинска индустрија на надворешни лица“, рече Тимерманс.

Но, противниците тврдеа дека ниту европската индустрија, ниту многу приватни возачи не се подготвени за таков драматичен прекин во производството на возила со мотори со внатрешно согорување – и дека стотици илјади работни места се загрозени.

Групата ЕПП предупреди на, како што рече, „ефект Хавана“ – Европејците ќе продолжат да возат стари автомобили на бензин или дизел бидејќи не можат да најдат или да си дозволат возило на електричен погон.