Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Владата на денешната седница даде согласност на ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ „Неготино“ со цел да се обезбеди дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза, соопштија од владината прес-службата.
Како што наведуваат оттаму, дадена е согласност да се склучи договор помеѓу ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ за набавка на мазут и за производство на струја во периодот од декември 2021 до април 2022, со можност истиот да се продолжи ако има потреба. Владата во првиот месец ќе помогне да се купи мазут, додека за понатамошниот период ЕСМ ќе го купува мазутот со парите кои ќе ги заработи од производството на струја во ТЕЦ „Неготино“.
„Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД ЕСМ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ ’Неготино‘ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија. Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, ЕСМ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД МЕПСО, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата“, велат од Владата.
Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино”, нагласуваат, ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.
Оттаму очекуваат дека со повторното активирање на државната термоелектрана ќе се зајакне домашниот електро-енергетски систем, ќе се зголеми домашното производство на струја, а со тоа ќе се зголеми и БДП.
„Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра за мегават-час. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 денари за килограм, производната цена на ТЕЦ ’Неготино‘ доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 евра за мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 евра за мегават-час“ пресметуваат од Владата.
ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола. Оваа државна термоелектрана изминативе 12 години беше ладна резерва. Изградена е 1978 година, а последен пат работеше 2009. Од Владата очекуваат дека нејзиното активирање ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и за стопанството во услови на енергетска криза.