Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Концерт на етно групата „Баклава“ во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, 24.8.2016.
Релаксирано топла и концертно интимна атмосфера, иако во голема, пространа и полупразна сала, малку задоцнета, но во никој случај отсутна достојна непосредна реакција на публиката на напливот од комбинацијата на меко благи и отсечно игриви звуци со кои ги почести „баклавната“ четворка од сцената, а богами и незадржливи импресии кои ги разбрануваа емоциите и духот на привилегираната (и можеби на некој начин неформално, ненамерно и нетендециозно одбрана) публика (концертот беше од отворен карактер, нормално, со слободен влез, па можеше да присуствува кој сака, ни збор за некаква елитистичка привилегираност за присуство, да сме начисто) – така накратко може накратко да се синтетизира музичкото патување и доживување на кое не водеа Елена Христова, Џенгиз Ибрахим, Дејан Сибиновски и Дејан Теодосиевски.
Во една вечер сркнавме од турското музичко кафе, од возбудливо игривите, но и елегично носталгични думи и музичкa медовина на шпанските сефарди, бевме погалени од шармантните и енергични етно-ветрови на македонскиот звук, со примеси на грчки вкус и заводливост – и за сето тоа едно големо фала на „Баклава“, однапред, пред да се изнесе личното искуство и доживување на минималистичкиот етно пристап и концепт кој го негува и прикажа „Баклава“.
А сега малку за музиката. Онака, од ќеф и за ќеф, без никакво музичко образование и без никаква студиозна музичка елаборација и критика. Сум ги слушал и гледал „Баклава“ десетици пати, во различни состави, постави, амбиенти, околности, во мои различни состојби и настројби. Во концертни верзии со некој вид на инструментална оркестрираност на составот (концертот во МОБ, незаборавен по многу нешта, меѓу кои и „самовилските“ танцови на Елена), во рудиментирано и минималистичко издание среде срцето на Мариово (на Мариовско-Мегленските средби) – и секогаш сум останувал одново позитивно очуден и духовно облагороден.
Малку за инструментната постава – Сибо на деф, Теодосиевски на виолончело и маестро Џингиз Ибрахим на канон. Овој последниов е чудо од музичар. Народски речено – „ги стопи жиците од канонот под своите прсти“. Ибраими е маестро, „господин господин“ и гуру за канон под нашиве облаци, па и пошироко. И еден од ретките кај нас кој на таков начин го владее овој комплексен инструмент. Едноставно, немам доволно музичка едукација за нешто посуштински да можам да скршам збор-два за неговите соло делници – импресиониран по којзнае кој пат е сè што можам да кажам и признаам.
Сибо е веќе еден од двата образи на „Баклава“. Незамислива без неговите деф ритми – „Баклава“ со сигурност не би била тоа што е без Сибо. И по дух и по енергија. Кардио систем на ритамот од сите студиски и концертни изведби.
Отсуството на клариент и неговите „дебели“ тонови, во дел од студиските верзии од албумот „Me Mankas Mucho“, кои концертно имавме прилика да ги чуеме во Прилеп, можам да речам дека, за мојот музички вкус и сензибилитет, елементарно беа „покриени“ од виолончелото и одличната музичка изведба на Дејан Теодосиевски. Со комбинираните делници на својот инструмент, што со гудало, што со прсти, достојно се наметнува како неизбежен звучен момент во дефинирањето на „баклавниот вкус“ на групата. После гореспоменатиот студиски албум и концертот во МОБ од пред неколку години, некако, не можам и да си ја замислам „Баклава“ без звуците на виолончелото. Токму поради фактот што придноесува за звуковна инструментална обоеност, а воопшто не го нарушува минималистичкиот пристап на „Баклава“ кон етно музиката. А тоа е она што мене и ми прави најмногу ќеф – задржување на музичкиот минимализам во најголем дел од композициите, со афирмација и акцент на вокалните делници од Елена. Но, Елена е друга приказна.
Дефинитивно она што ми фалеше беше тамбурата. Живите звуци на тамбурските акорди дефинитивно ќе беа неодолив придонес за живоста на ритам поддршката, а соло партиите на тамбура го доловуваат оаа носталгична „блузерски“ тага на нашиот етно звук, измешан со елегичноста на турскиот мелос и длабочината на сефардската носталгичност. Не, дека не се може без тамбура, но едноставно, ми фалеше, па ред е и да си кажам. А всушност, кога поубаво ќе размислам, „Димитрија“ на пример, тешко и дека може да се отсвири и отпее на сцена без барем една тамбура, за да се долови енергијата која преку песната ја пренесе „Баклава“ на нивниот прв албум наречен според името на групата.
Од многу интимни побуди, а со објективни и непобитни причини, недовосмислен можам да кажам дека секогаш најмногу ме погодувал гласот на Елена – гласот како засебен ентитет и инструмент, едно вокално доживување и одживување на секој стих, секој позадински инструментален тон, секој автентичен ритам. И не, не мислам дека претерувам со ваквите квалификации на вокалната моќ на свилените гласни жици од Христова (ќе ме разбере и нема да ми замери што си дозволувам да бидам можеби и претерано искрен). Го кажале тоа далеку подостојни и поугледни музички зналци за неа. Јас само кажувам како го доживувам. Елена е вториот образ на „Баклава“, оној самовилскиот. Што го шета слушателот низ сите погоре споменати предели и звуци, и на крајот го враќа во својата сушност, прероден и облагороден. Гласовно, Елена е од некои други ини сфери и космологии. И среќа што е наша, што ја имаме тука, под наши облаци.
„Баклава“ е доза музичка шербетлија која не само што вреди, туку и треба да се консумира барем неколку пати годишно. Заради нерви, заради карактер, заради емоции и заради дух. Вакво „слатко-балаго“ вреди да се консумира со интензивно репете.
Автор на текст, фотографии и видео: Александар Војнески