Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Биткоинот и другите криптовалути сè уште не можат да се опорават на пазарот од неодамнешниот пад, а единствената земја во светот која целосно ги легализира криптовалутите како средство за плаќање – Ел Салвадор, може да банкротира поради овој потрес.
Минатиот септември, салвадорскиот претседател Најиб Букеле објави дека земјата ќе биде првата што ќе го прифати биткоинот како законско средство за плаќање, заедно со американскиот долар. Ел Салвадор нема национална валута од 2001 година и наместо тоа го користи американскиот долар. Со префрлање на биткоин, тој стана неофицијална национална валута, иако жителите сè уште го претпочитаат американскиот долар во секојдневниот живот.
Се проценува дека државата поседува 2.301 биткоини, што е околу 70 милиони долари по тековните цени. Но, по минатомесечните цени тоа би било околу 92 милиони долари, по цените во декември 2021 година околу 115 милиони долари по цените од минатиот ноември, кога биткоинот вредеше најмногу во историјата, до 156 милиони долари.
Проблемот е очигледен – цената варира премногу, а нејзиниот остар пад сериозно ја поткопува финансиската стабилност на Ел Салвадор. Претседателот Букеле, сепак, не се откажува, па неодамна на Твитер објави дека Ел Салвадор купил 500 биткоини за 30.744 долари.
Оттогаш цената уште повеќе падна (во моментот е околу 28.800 долари), па и после таа трансакција Ел Салвадор засега е во минус. За таа трансакција биле потрошени вкупно 15,37 милиони долари, а тие биткоини сега вредат околу 14,40 милиони долари.
Ел Салвадор е единствената земја што го усвои биткоинот како своја официјална валута, еднаква на доларот, и почна да гради национална финансиска инфраструктура околу него. Тоа е воведено на прилично произволен начин, без собраниска расправа, консултации со синдикатите или деловните кругови. Практично диктаторски, но претседателот на Салвадор, Најиб Букеле сака да го нарекуваат „најкул диктатор на светот“.
Во март годинава е најавено дека Ел Салвадор ќе издаде т.н вулканска обврзница да собере 1 милијарда долари за да се изгради Биткоин Сити. Тоа треба да биде град во кој биткоинот ќе се „рудари“ и треба да се одржуваат приходите од таа активност. Идејата е градот, и ископувањето биткоин во него, да се напојува со електрична енергија што ќе се добие со користење на геотермална енергија од еден од дваесетина вулкани во Ел Салвадор.
Накратко, Букеле планира целосно да ја врзе судбината на целата земја и нејзините 6,5 милиони жители со судбината на биткоинот. Ако неговата цена порасне во следните десет години, сѐ ќе биде во ред. Ако падне, Ел Салвадор ќе банкротира.
На почетокот на овој месец, кредитната агенција Мудис го намали рејтингот на Ел Салвадор за две нивоа, на Caa3 со негативни прогнози. Тоа е длабоко во статусот „ѓубре“ и претставува висок кредитен ризик, т.е. висок ризик од банкрот.
Во јануари 2023 година, Ел Салвадор треба да собере 800 милиони долари во обврзници, што значи дека државата потоа ќе треба да им ја плати таа сума на инвеститорите. Доколку не го стори тоа, започнува 30-дневен грејс-период во кој се уште може да го плати долгот, по што следува стечај.