Експресна промена на законските правила за добивање бугарски пасош


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако веќе три-четири дена нашиот источен сосед Бугарија, а оттаму и регионот, ги тресе аферата со пасошката мафија предводена од бугарски државни службеници, бугарското Министерство за правда на повеќе од 750 лица им го откажа издавањето уверение за бугарско потекло. Заменик главниот обвинител, Иван Гешев изјави дека аферата е најсериозен случај на корупција во поновата историја на Бугарија.

Бугарските истражни органи откриле 20.000 илјади преписки во Државната агенција за Бугари во странство кои служеле за посредување при добивање на документи а со кои барателите од Македонија, Молдавија и Украина аплицирале за бугарски државјанства. Гешев исто така на денешниот брифинг потенцираше дека полни лименки со документи биле пронајдени во Ќустендил, но и дека дополнително се пребарувани повеќе од 50 адреси, а дека се пронајдени бројни докази и сертификати.

„Овој случај не е резултат на влијанието на странските служби или владите. собравме конкретни докази за конкретни кривични дела. Претседателот на Агенцијата за Бугари во странство почна да бара мито веднаш штом ја презеде функцијата. Петар Харалампиев земал мито преку медијатори кои му ги носеле парите во неговата канцеларија. Станува збор за развиена шема за добивање на сертификати за потекло кои циркулирале преку најниските слоеви на агенцијата регрутирајќи се до горните слоеви на Агенцијата“ – вели заменик – главниот обвинител, Иван Гешев.

Покрај притворениот претседател на агенцијата, Петар Харалампиев и генералниот секретар, постоеле и двајца посредници – српски и бугарски државјани.

Министерката за правда, Цецка Цачева најави дека до крајот на годината ќе има промени во Законот за издавање бугарски државјанства а причината министерката ја образложи со цел да се избегнат идни малверзации – односно издавање бугарски пасоши за странци

„Работната група има за задача да предложи промени на законот за бугарско државјанство во две насоки. Првата е при добивање бугарско државјанство по потекло каде што треба да се прецизираат ставките од членот 15 од законот, а втората се однесува на можноста да се добие бугарско државјанство преку натурализација, преку така наречените инввестиции“ – рече министерката за правда, Цацка Цачева.

За истрагата која што се води во Бугарија – од македонската влада велат дека стојат на располагање во расветлувањето на случајот доколку за тоа постојат наоди кои иницираат потреба за истрага.

Податоците на бугарското Министерство за правда покажуваат дека за една година барање за државјанство поднеле 10.000 Македонци.