Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Владата на Индија соопшти дека донесле одлука да ја укинат со устав гарантираната автономија на Кашмир – бомбастичен потег кој прави сериозни потреси на глобалната гео-политичка сцена.
Хиндуистичките националистички власти донесоа претседателски указ со кој се укинува специјалниот статус на државата Џаму и Кашмир, кој беше гарантиран со индискиот устав.
Најавата во парламентот ја даде министерот за внатрешни работи Амит Шах, и покрај критиките на опозицијата.
Претседателскиот указ стапува веднаш на сила и ќе ги замени членовите за Џаму и Кашмир во индискиот устав, особено членот 370, се наведува во владиниот текст.
Членот 370 на индискиот устав се однесува на специјалниот статус на Кашмир во областа на одбраната, надворешните работи и комуникациите, а останатите прашања се под локалното законодавство.
На парламентот му беше претставен и предлог закон за поделба на регионот. Ладак, источниот дел со будистичко мнозинство ќе биде разделен.
Остатокот од Џаму и Кашмир, односно рамнините со хиндуистичка популација Џаму на југот и долината Шринагар со муслиманско мнозинство на северот, ќе го изгубат статусот на федерална држава и ќе добијат статус на „територии на Унијата“. Тоа значи дека ќе бидат под директна власт на Њу Делхи и нема да имаат речиси никаква автономија.
Во Музафарабад, главниот град на пакистански Кашмир, на околу 45 км од спорната граница со Индија, десетици демонстранти со црни знамиња протестираа палејќи автомобилски гуми и носејќи разни транспаренти со пораки против Индија, чиј потег за укинување на автономијата на Кашмир беше сосема неочекуван.
Претходно денес, се огласи и владата на Пакистан. На официјалниот профил на владата на Твитер се вели дека „Индија ги ‘погоди’ основните човекови права на граѓаните на Кашмир со повлекување на членот 370”.