Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Според законот, пратеничкиот имунитет не важи доколку за делото кое му се препишува на пратеникот предвидената минимална казна е пет години затвор.
Вчера Основното јавно обвинителство преку соопштение информираше дека сите 36 приведени, меѓу кои беа и пратениците Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, се товарат за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ за кое минималната казна е 10 години затвор. Оттука се поставува прашањето дали Судот воопшто требаше да бара од Собранието да им го симне имунитетот на пратениците.
Адвокатот Ѓоко Гажоски за „Фокус“ објаснува дека доколку пратениците осомничени за настаните на 27 април се товарат за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, тогаш за нив не важи пратеничкиот имунитет, со оглед на фактот дека за кривичното дело е предвидена минимална затворска казна од 10 години.
-Законски, Судот само требаше да го извести Собранието за покренатите постапки и за барањата за притвор. Ова барање за симнување на имунитетот до Собранието е непотребна постапка, вели Гажоски.
Оваа постапка тој ја толкува како еден вид на барање на потврда од Собранието од страна на Судот за да постапи како што смета дека треба да постапи, но и поради сензитивноста на случајот кој е изложен на јавноста.
-Едноставно за да нема простор некој да тврди дека имало правна пречка за одредување на притворот. Иако ова правно не е потребно, потребно е поради сензитивноста на ситуацијата и јавната изложеност на случајот, вели Гажоски.
Комисијата за мандатно-имунитетни прашања за утре закажа седница на која ќе расправа за одземање на имунитетот на шесте пратеници. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
Извор: Фокус