Експертите имаат објаснување за лицата кои не ги сакаат новогодишните празници и празнична еуфорија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Актуелните новогодишни и божиќни празници создаваат еуфорија и го креваат расположението кај поголем дел од луѓето додека тие ја очекуваат и ја практикуваат прославата и сè што носат празниците, па и новите почетоци.

Меѓутоа, кај повеќето од вас веројатно постои барем една личност, било да е член на семејството, колега од работа или пријател, на која самата помисла на празниците ја прави напната и ѝ создава нелагодност.

Во повеќето случаи, личноста не сака да биде дел од организацијата на празничната прослава, па затоа попрво ќе седи со скрстени раце и ќе ја набљудува целата ситуација. Иако на прв поглед таквите луѓе на другите им делуваат намќоресто или како луѓе кои не знаат да се опуштат и да уживаат, стручњаците за британски Сан откриваат што навистина би можело да се крие зад таа негативна фасада. Писателката и психолог Сузи Перл вели дека таквото однесување не треба да го сфаќаме лично и да не ја осудуваме личноста бидејќи не знаеме со какви ситуации и тешкотии се соочува.

Иако ова е период кога луѓето се поврзуваат меѓусебно, изразуваат посебна љубезност, сочувство и помош кон другите, според неа, „скржавците“ или „цициите“, не треба да ги осудуваме ако не учествуваат во давањето подароци.

– Можеби се плашат дека немаат доволно пари за празнични подароци или прослави. Без оглед на нивната причина, отфрлете ја осудата и оставете ги луѓето сами да изберат начин на давање или недавање, вели таа.

Перл истакнува дека сите сме различни и дека на некои луѓе им е полесно да подаруваат додека на други не. Сепак, таа напоменува дека највредните работи за Божиќ се бесценети и не можат да се купат, како на пример, времето, вниманието, насмевките, убавите зборови, како и благодарноста.

– Овие работи значат многу повеќе од каков било подарок кој можете да го завиткате и ставите под елката. Колку повеќе од овие работи можете да им дадете на другите, толку подобро ќе се чувствувате – додава Перл.

Стручњаците од добротворната организација „Мајнд“ напоменуваат дека е во ред да не се чувствувате радосно во текот на празничната сезона, но треба да бидете нежни кон себеси, да поставите сопствени граници и да одвоите време за себе кога ви е потребно. Во ред е да не ве преплавуваат празнични емоции, но не треба да сте строги кон себеси, туку со малку труд да се обидете да допрете до саканите.