Ексклузивни изданија на реобјавените дела на Петре М. Андреевски со илустрации од внуката Воскресија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Новите, ексклузивни изданија на реобјавените дела на македонскиот прозаист и поет Петре М. Андреевски, со автентични илустрации изработени од неговата внука Воскресија Андреевска, излегоа во печат издадени од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Во рамки на едицијата „Македонски книжевни класици“ се десет книги со прозни и поетски дела на великанот на македонската книжевност, со цртежи кои за оваа прилика специјално ги изработи неговата внука, која е школувана на Факултетот за ликовни уметности.

Книгите, како што соопштија од издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе бидат достапни во сите продажни места на „Слободен печат“, а може да се набават и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Деновиве во продажба излегле првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“. Во следниот период ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.

‒ Реобјавувањето на делата на Петре М. Андреевски секогаш (ќе) претставува празник за македонската книжевност. Овој безвременски писател од третата генерација македонски зборотворци, се чини, го создаде рецептот за укинување на временските отсечки според кои книжевните појави ги квалификуваме како актуелни и анахрони. Неговата појава во втората половина на дваесеттиот век магнетски го привлече вниманието на проучувачите на националната книжевност и веќе прославени автори, со што ги стави на теориски маки. Навидум лесно восприемливата поетика се покажа мошне привлечна за многубројни релевантни толкувања, меѓусебно исклучиви, но истовремено и испреплетени. Главно, сите досегашни теории гравитираат околу фолклорните елементи во неговите дела, но секоја од нив користи различен толкувачки клуч во зависност од книжевните интереси на толкувачите. Но, токму тоа присуство, толку блиско до „народниот“ читач – ознака што не е временски условена, туку напротив, ја победува ограниченоста – е причина за сечија радост на ова поднебје кога повторно ќе се појави негово дело, истакнуваат од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија, велат од издавачката куќа, е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука, Воскресија Андреевска. Нејзиниот образуван уметнички потег, додаваат, има двојна цел: емотивно и естетско возбудување на поетските и прозните атоми од кои е изградена поетиката на Петре М. Андреевски кај неговата најнова генерација почитувачи и следбеници, што ова реобјавување има намера да го поттикне.

‒ Лично и професионално ми претставува огромно задоволство што имав прилика да работам на ваков ангажман, конкретно поради тоа што се работи за книгите на Петре М. Андреевски, кои за мене се од огромно значење бидејќи, освен што станува збор за мојот дедо, станува збор и за мојот омилен македонски писател. Дадов сѐ од себе да ги прикажам импресиите што ги имаат оставено неговите култни дела врз мене и можам само да се надевам дека и јас, преку овие нови изданија, го споив својот печат со неговиот. Сите илустрации беа наменски работени за овој проект и нормално, истите беа инспирирани од неговото творештво. За мене беше важно преку моите цртежи да го отсликам и да го оживеам тој посебно богат свет на Петре, за повеќе да го доближам до читателите. Во визуелниот јазик не постои тешкотија или леснотија при творењето, постои меѓутоа во помислата на тоа дали ќе ја претставиш приказната на авторот онака како што и самиот тој ја опишува со неговите зборови. Интересно беше што, додека траеше процесот на создавање на повеќето од илустрациите за прозните дела, јас бев во родното село на Петре, селото Слоештица, кое е негов главен, неисцрпен извор на инспирација. Секој лик во неговите книги е приказна сама по себе која влече корени од тие краишта и за мене тоа го направи креативниот процес позабавен и поинспиративен. Освен што се дружев со неговите ликови од книгите, јас и живеев во тој свет, вели Воскресија Андреевска.

Петре М. Андреевски (25.06.1934, с. Слоештица – 25.09.2006, Скопје) е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.