Актуелно

Економските експерти: Прашање на време е кога ќе пукне балонот наречен биткоин


Најпопуларната и светски најраспространета криптовалута, биткоинот, на почетокот од последниот месец за 2017 година достигна вредност од над 17 илјади долари. Експертите по економија сметаат дека таа вредност повеќе нема врска со економската корист и постои опасност од пукање на меурот од сапуница.

„Сите феномени кои го следат создавањето на еден меур се присутни“, вели за Дојчландфунк, Томас Мајер, поранешен главен економист на Дојче Банк. „Балоните не се создаваат од ништо. Луѓето во сето тоа најпрво препознаа добра приказна. Ткн. блок-технологија која стои зад верификацијата на биткоин-трансакциите, е одлична работа. На луѓето им се допадна и почнаа да купуваат сѐ повеќе биткоини. Цената на валутата расте, започна шпекулантска грозница“, вели Мајер. Тој, како претставник на класичниот банкарски систем, во биткоинот гледа голема закана, и има голема скепса кон валутата, пишува Дојче Веле.

Виртуелната валута која се користи независно од централните и другите банки има свои предности: секој може да купи биткоини и да ги чува во виртуелниот паричник, од него да плаќа или да добива пари од други корисници. Секоја трансакција се одвива без посредништво на банките и одговара на примопредавање на готови пари.
Во моментов многу фирми го прифаќаат биткоин како средство за плаќање, особено оние кои работат само преку интернет. Тоа не е спорно. Секое средство за плаќање е легитимно кога доволен број луѓе ќе се сложат околу неговото користење. Колку е таквото средство долгорочно и стабилно- тоа е друго прашање.

Безбедни „паричници“

Секој кој сака да купи биткоини мора најпрво на интернет да отвори свој личен виртуелен паричник. Тоа може да го стори кај некој од бројните специјализирани провајдери. Кај таквите провајдери се отвора налог и се добива код. Секој може да отвори неограничен број на такви паричници. Секоја трансакција ја следи само бројот на паричникот и никакви други податоци како што се име, адреса, националност… Тоа значи дека сите трансакции се анонимни. Сепак, секоја трансакција останува регистрирана во огромната архива- во неа, на тој начин, останува доказ дека купувачот извршил одредена трансакција.

Вкупниот број на биткоини е ограничен на 21 милион, но не постои сопственик на паричната маса- нема централна банка која печати пари. Постојат само провајдери кои продаваат биткоини на интернет, но ним не им е потребна никаква дозвола: секој може да стане провајдер. Некои провајдери низ годините стекнаа голем углед и важат како силни и кредибилни.

Кој врши контрола?

Бидејќи секоја трансакција останува забележана во некој вид електронско книговодство, а нема централна банка или сопственик на целиот процес, се поставува прашањето: кој ја води таа книга? Кој проверува дали нечиј виртуелен паричник има покритие? Со други зборови, кој ги презема податоците кои во вообичаениот монетарен сообраќај ги вршат банките?

Не е претерано ако се одговори со едноставна реченица: кој сака! Секој може да инсталира на својот компјутер бесплатен книговодствен систем и да стане дел од светската мрежа на ткн. рудари (miners на англиски). Кога некој некому од својот виртуелен паричник му префрла пари, секоја рудар врз основа на податоците проверува дали трансакцијата е легитимна. Дури кога мнозинството рудари ќе одлучат дека трансакцијата е во ред, таа се меморира во ткн. „блок трансакции“ и од тој момент важи како обврзувачка и осигурана. На тој начин, контролата се врши по принципот на мнозинство и децентрализирано: нема една банка или инстанца која одлучува за тоа дали трансакцијата е во ред или не.

Цената (курсот) на биткоинот зависи исклучиво од понудата и побарувачката. Бидејќи пазарот на биткоини е мал, и покрај тоа што како средство го прифаќаат голем број продавачи, курсот е подложен на силни промени.

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top