Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со порастот на економските и социјалните притисоци, сиромаштијата и невработеноста, како во светски рамки, така и во нашата земја сè поочигледен е фактот за драматичниот пораст на семејното насилство. Семејното насилство или попознато како семејно малтретирање е една од најголемите закани и причини за немир и насилство во бракот и семејството кое значително се одразува врз економскиот и севкупниот развој на едно општество.
Семејното насилство кое се реализира преку разни форми на психолошка, физичка, сексуална и економска злоупотреба остава трајни последици на сите жени и деца кои се директно изложени на насилство. Поголемиот дел од жените се свесни за физичките повреди, меѓутоа психолошките ефекти од насилството може да бидат многу тешки, болни и долготрајни со што се загрозува нивното ментално здравје, физички интегритет и достоинство. Семејното насилство не се јавува изолирано, само како проблем на едно семејство, туку претставува дел од специфичен економско-социјален и институционален контекст кој е обликуван од различни економски, институционални и социјални детерминанти. Овој економско-социјален контекст се карактеризира со ризик од сиромаштија, дисфункционалност и економска оптовареност на семејството како дел од едно општество. Како резултат на таа економско-социјална криза доаѓа до психолошки кризи дури и кај претходно стабилни личности, а покрај тоа се појавува фрустрација, агресивност, несигурност и слабост најчесто кај сопругот, која се изразува преку насилство врз жената, но во голем дел од семејствата тоа насилно и агресивно однесување го чувствуваат врз себе и самите деца.
Економската криза и невработеноста најчесто го влошуваат бракот со создавање на постојните проблеми и тензии. Ако бракот бил функционален и стабилен пред губење на работата на партнерот или пак пред доживување на банкрот, тогаш шансите за семејно насилство се значително помали. Невработените мажи или мажите кои ја изгубиле работата најчесто чувствуваат лутина, срам, гнев, бес, фрустрација и вина. Беспомошноста и безнадежноста од таа животна ситуациа ги доведува мажите до примена на насилство, најчесто врз жената, со цел да го исфрлат од себе целиот бес и гнев. Многумина од нив се препуштаат и на пороци, начесто алкохолизам кој се манифестира со агресивност. како резултат на тоа, жртвите се во голема опасност на местото каде што треба да се чувствуваат најбезбедни- во нивните домови, во рацете на луѓето со кои треба да се чувствуваат најбезбедно- членовите на своето семејство.
Последиците не само што се опустошувачки за членовите на семејството, туку и за целото општество. Самиот факт што семејното насилство често пати е скриено и не излегува надвор од рамките на еден дом или една врска поради неговата културна и емоционална позадина, многу често е голема препрека за сите служби кои се борат за негово сузбивање. Иако во последните неколку години активните кампањи против семејно насилство и подигнување на јавната свест за последиците од семејно насилство на многубројни организации и здруженија овозможија жените да се чувствуваат послободно, да говорат за овој вид на насилство и да стават крај со пријавување на насилникот и поднесување на барање за развод, сепак тековните случувања како и се поголемата економска криза значително го зголемуваат процентот на жртви на семејно насилство.
Марга Ујуноска, Институт за семејни студии
Извадок од студентското списание VOX