Едноставен колач со Нутела од само две состојки


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Една досетлива готвачка смислила нова Нутела торта од само две состојки, а за нејзино правење се доволни триесетина минути.

Андреа Сорандис, која го води кулинарскиот блог Petite Cook, овој рецепт го сподели со публиката на социјалните мрежи, каде стана вистински готвачки хит.

„Овој колач е готов за помалку од 30 минути. Толку е едноставен што не можете да го згрешите, а може да се направи и без глутен“, пишува Андреа во рецептот.

Сè што ви е потребно за подготовка на овој чоколаден деликатес се пет јајца и 250 грама Нутела. За потребите на овој рецепт, Андреа прави домашен Нутела крем од лешници, темно чоколадо, кафеав шеќер, маслиново масло и свежо млеко. Но, без гајле,  истите резултати во однос на подготовката на споменатиот колач се добиваат и со купечка Нутела од продавница.

Нутелата ставете ја во голем сад и загрејте ја во микробранова на 30 секунди. Потоа, во истиот сад додајте третина од јајцата кои претходно добро сте ги изматкале и сето тоа добро измешајте го додека не добиете хомогена, солидно измешана смеса. Андреа потенцира за мешањето да користите обична лажица, а не миксер.

Потоа, истото повторете го со втората третина од јајцата, а потоа и со преостанатата трета третина. Кога ќе завршите со мешањето, калапот за тортата премачкајте го со путер. Можете да ставите и хартија за печење за да не ви се залепи смесата. После тоа, следи третата, завршна фаза од подготовката – печењето на колачот. Истиот се пече во рерна 20-25 минути, на 180 степени.

Резултатот треба да биде лесен колач со длабок вкус кој е сосема задоволителен и за богатите божиќни забави.

„Обожавам кога е малку мекушав и леплив во средината, затоа го печам околу 22 минути, после што го оставам покриен со крпа да се излади. Ако сакате колачот да ви биде поцврст, печете го дополнителни 5 минути“, советува Андреа.