Актуелно

Еднородителски семејства- како функционираат тие?

Еднородителското семејство се дефинира како семејство со еден родител кој се грижи за развојот и подигнување на своите деца. Структурата на овие семејства ја сочинуваат родителот ( мајката или таткото) и нивните деца. Во ваквите семејства сите улоги и задачи главно се на товар на еден од родителите. Да се биде самохран родител не е едноставно бидејќи овие семејства се соочуваат со многубројни проблеми каде обврските и грижата остануваат на еден родител.

Бројот на самохрани мајки е речиси четири пати поголем од бројот на самохрани татковци што јасно кажува на родовата димензија на самохраноста.

Еднородителските семејства пред се се поставени пред секојдневни предизвици, решавање на проблеми од повеќе аспекти:

Финансиски- недостаток на финансиски средства дополнително го отежнува функционирањето на сите членови на семејството. Практично ваквото семејство опстојува само со личниот приход на едниот родител, бидејќи во случај на развод на родителите алиментацијата може да доцни или воопшто да не се исплатува од страна на другиот родител.

– Социјализација– оваа улога е препуштена на родителот кој се грижи за подигање и воспитување на децата што дополнително може да предизвика и проблеми во социоемоционалниот развој на децата

-Недостаток на време– растргнат помеѓу работните обврски и обврските во домот, едниот од родителите често пати нема доволно време за себе и за максимален ангажман околу децата.

Хроничен замор– често овие родители се соочуваат со хроничен замор, недостаток на самодоверба, загриженост, чувство на неспокојство и непотполност.

-Стигма во средината и општеството– често овие родители се подложни на стигматизација од средината, дури и од поширокото семејство што претставува дополнителен товар и извор на конфликти во семејството.

Ставовите и размислувањата на детето за нивната позиција во ваквото семејство– на овие деца во поголем дел од случаите не им недостига родителска топлина, љубов, внимание, поддршка од една страна , но сепак е присутно чувството дека недостига фигурата и улогата на другиот родител, потребата за целина.

Ваквите семејства се дел од секојдневното сценарио на едно општество и се важен сегмент, затоа од особена важност е да им се пружи поддршка од средината и институциите како би можеле овие семејства да обезбедат максимален потенцијал за нивно функционирање.

Фросина Спасовска, Институт за семејни студии

Извадок од студентското списание „Vox“

Advertisements
To Top