Една година од поплавите кои однесоа 22 човечки животи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скопје денеска одбележува една година од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.

Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Во текот на 24 часа минатиот 6 август во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Град Скопје и Општина Гази Баба, на чија територија се погодените населени места, работат на санација и реконструкција на улиците.

– Град Скопје издвои 150 милиони денари за реконструкција на оштетената инфраструктура во населените места погодени од минатогодишните поплави, кои се реализираат дел преку ЈП „Улици и патишта“, а дел беа дадени на општина Гази Баба која ангажираше други компании за реконструкција на инфраструктурата, изјави градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.