Единствена Русија предлага референдум за припојување кон Русија на украинските територии контролирани од руските сили


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Партијата на чие чело е рускиот претседател Владимир Путин, Единствена Русија, предлага на 4. ноември да се организира референдум за припојување на украинските територии под контрола на руските сили кон Русија.

„Доњецк, Луганск и бројни други руски градови конечно повторно ќе се најдат во своето матично пристаниште. И рускиот свет денес поделен со формални граници повторно ќе ја најде својата целовитост“, кажа секретарот на Генералниот совет на Единствена Русија Андреј Турчак, се наведува во соопштението на партијата.

Русија на 4 ноември го слави Денот на националното единство.

„Би било згодно организирањето на тие референдуми во Донбас и ослободените територии да биде на 4 ноември“, порача Турчак.

Тој зборува за украинските области Луганск и Доњецк на истокот чија независност Москва ја призна непосредно пред почетокот на офанзивата во Украина на 24 февруари, како и регионите Херсон и Запорожје чиј голем дел е под контрола на руската војска.

„Ќе се подготвуваме за тој конкретен датум“, кажа еден од владејачките функционери кои Москва ги постави во Украина, Кирил Стремоусов.

Руските окупациски сили во Украина со месеци зборуваат за референдум за припојување на тие територии на Русија, меѓутоа управата на Херсон соопшти во понеделникот дека тоа гласање е во моментов неизвесно поради контраофанзивата на украинските сили во таа област.

Русија во март 2014 година организираше референдум на Крим, црноморскиот полуостров кој беше припоен по гласањето на кое му претходеше интервенција на руските сили.