Еден загинат и четворица повредени, од кои еден пратеник, при експлозија на бомба во Киев


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Еден маж загина, а четири лица се повредени синоќа, меѓу кои и украинскиот пратеник Игор Мосијчук, при експлозија на мотор-бомба во Киев, соопшти Министерството за внатрешни работи на Украина.

„Во експлозија се повредени пет лица, но за жал едно им подлегна на повредите. Мажот почина на пат кон болница“, соопшти Министерството на Фејсбук.

Жртвата е телохранителот на пратеникот Мосијчук од редовите на Радикалната партија.

Марк Грес, советник на Мосијчук, истакна дека пратеникот се здобил со „многу повреди од летечки парчиња, кои му ги погодиле екстремитетите, грбот и стомакот“, но нема опасност по неговиот живот и моментно му се врши оперативен зафат.

„Телохранителот кој успеал да го прикрие со своето тело, починал на пат кон болница“, потврди Грес.

Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Зорјан Шкирјак го нарече нападот „терористички акт“, додавајќи дека истрагата за случајот ја преземала Украинската служба за безбедност.

Според лидерот на Радикалната партија, Олех Љашко, обидот за убиство на Масијчук несомнено е поврзан со неговата професионална дејност и политичките ставови.

Инцидентот се случил при излегување на Мосијчук од телевизијата „Еспресо“ кога експлодирал паркиран мотор пред зградата на медиумот. Освен пратеникот, повредени се двајца полицајци и една жена случаен минувач. Според некои сознанија, меѓу повредените се наоѓа и политичкиот аналитичар Виталиј Бала, но досега тоа не е потврдено.

Портпаролката на киевската полиција Оксана Блишчук истакна дека е добиена информација за експлозија на возило во дистриктот Соломенски во 21 часот по локално време. Засега не се откриваат никакви информации за можни причини или евентуални извршители на нападот.