Еден месец ни трага, ни глас од внукот на Љубе Бошковски – дали некој воопшто го бара човекот?


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски, исчезна на 3. март и оттогаш му се губи секаква трага и глас.

Дали некој воопшто трага по младиот човек или се ќе се заврши со притворањето на двајцата осомничени кој молчат и тврдат дека не знаат каде е Самоил иако последен пат е виден заедно со нив во автомобил, по што му се губи секаква трага.

Според информациите приведените го собрале Самоил во Припор и полицијата успеала да ги идентификува преку безбедносните камери. Тие од местото со Самоил во автомобилот заминале во правец на центарот на градот но потоа им се губи трагот. Таткото на Самоил смета дека тие имаат повеќе информации отколку што споделуваат. И прашува дали некој воопшто го бара неговиот син или се ќе остане на апсењето на двајца кои молчат, пишува А1Он.

Осомничените, се на возраст од 30 и 25 години и се наоѓаат во притвор бидејќи обвинителството сметаше дека може да избегаат или да влијаат на сведоци додека трае истрагата.

На прашањето од А1он дали се преземаат некои мерки и дали се уште е во тек потрагата по Самоил од Обвинителството велат.

„Основното јавно обвинителство Скопје секојдневно презема дејствија чија приоритетна цел е пронаоѓање на лицето, а потоа и испитување на евентуална кривична одговорност на инволвираните во настанот. Во периодот од исчезнувањето на лицето до денес постојано се обезбедуваат докази и се вршат проверки и распити на лица кои со своите сознанија придонесуваат за расчистување на настанот. Врз основа на доказите обезбедени до овој момент, поведена е истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија на грабнување на лицето. По предлог на надлежниот јавен обвинител на осомничените им е определена мерка притвор. Дополнително, со координирани активности на надлежното обвинителство и Министерството за внатрешни работи се обезбедени и се обезбедуваат и други докази, но за да не се наштети на постапката јавното обвинителство не е во можност да сподели детали.“

Неговиот татко Љупчо Костадиновски за А1он вели дека нудат и парична награда за информација во врска со исчезнувањето на неговиот син. Вели немаат буквално никаква вест ниту од Обвинителството ниту пак од неговите пријатели.

„Молк од сите страни, а него се уште го нема“, вели таткото на Самоил.

Костадиновски за исчезнат беше пријавен од неговиот брат. Потоа, беа земени снимки од безбедносни камери, информации од очевидци, а беа сослушани и лица од кои беше можно да се добијат повеќе информации.

Самоил Костадиновски е внук од брат на Виолета, сопруга на Љубе Бошкоски. Исчезнат е од 3 март.