Еден куп чанти, скапи очила, брендирани алишта, уметнички слики, златна круна – еве што му запленија на Боки 13


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Попишани на 23 страници, а сместени во 71 црна вреќа – толкав габарит од запленети работи собраа лицата кои правеле претрес во домот на првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, а кои биле запленети од неговиот луксузен дом во скопски Орман, пренесува Мкд.мк.

Списокот е огромен, а дел од одземените предмети, спакувани во црни вреќи, е изнесен од домот на Јовановски. Во 71 црна вреќа истражителите сместиле 1.208 различни парчиња.

Сите се познати марки, и тоа Гучи, Долче и Габана, Луј Витон, Версаче, Кристијан Диор, а во секоја од вреќите има барем по едно парче со шара од леопард. Има и шари од змија, од лав, мотиви со срце и меч. Брендирано било дури и огледалото што висело во домот на Боки 13, и тоа од марката Ролекс.

Лицата што го правеле претресот и заплената систематски ја направиле селекцијата на предметите и посебно во секоја вреќа сместувале башка очила, башка капути, дури и обувките ги селектирале на патики, чевли, чизми и собни папучи, а панталоните на фармерки, тренерки, класични панталони. Вреќите се класифицирани по бројки, од вреќа број 1, до вреќа број 71.

Во црни вреќи истражителите спакувале: 60 капути, 22 јакни, 85 кошули, 75 чифта панталони, 186 пара очила за сонце, 134 чанти, 148 маици, 26 одела, 152 пара чевли, 45 пара патики, 36 пара чизми, 66 пара тренерки, 30 шешири, 29 пара фармерки, 33 ремени, 55 сакоа, 25 пара папучи.

Меѓу запленетите работи се и перници за квалитетен сон на Јовановски од брендот Забрано, мебел од истиот бренд, столови со златни ногарки, теписони, украсни фигури во облик на мајмун, куче во жолто-златна боја, украсни златно-жолти лустери со многу кристали, украси во форма на коњ, украси сваровски, златна круна со циркони во различни бои, уметнички слики од Лазар Личеноски со наслови Булки, Трендафил и Дрво, уметничка слика од Ванчо Јанов со наслов Распеаност и весела игра, уметничка слика од Мартиновски Гола жена, уметничка слика од Камилов со машки лик… накит, брендирани кутии за накит, брошеви, несесери, ајфони и други ствари.