Џорџ Мајкл – човек со три срца: На непознати им плаќал долгови, давал милиони на здруженија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Богатството на прерано починатиот поп пејач Џорџ Мајкл се проценува на околу 200 милиони долари, но сите кои го познаваа лично и малку подобро, велат дека парите никогаш не му биле важни, па затоа на драго срце ги делеше со остатокот од светот. Буквално. Животот го посвети на помагање на оние на кои тоа им беше нужно, неопходно и итно, а сепак далеку од очите на јавноста, медиумите и публицитетот.

„Не сакаше да биде еден од оние лицемери кои учествуваат во хуманитарни акции и активности само за публицитет, само за да се пишува за нив. Тоа го праваше тајно, бидејќи беше човек со големо срце“, велат пријателите од поп иконата.

Иако додека беше жив молеше за неговите добротворни и хуманитарни дела да не се говори, многумина сега, откако почина, го „прекршија“ тоа ветување кон него и сведочат за човечката големина на Мајкл.

27-12-georgemichael1

„Откако ни се јави една млада жена која очајно посакуваше да стане мајка, но не можеше да забремени без ин витро третман со вештачко оплодување, за кој немаше пари, Џорџ Мајкл ја побара еден ден после нејзиниот повик и анонимно уплати 15.000 фунти“, објави на Твитер Ричард Осман, ТВ водител на BBC.

На неговото сведоштво се надоврза друг сведок кој своевремено Џорџ Мајкл го видел во кафуле како дава пари на некоја жена која плачела поради финансиски проблеми и долгови од кои никако не можела да се извлече. „Сакаше да остане анонимен, па чекот на кој испиша сума од 25.000 фунти го даде да го потпише келнерката замолувајќи ја да го предаде на госпоѓата“, се потсетува анонимниот сведок на оваа ситуација.

Мајкл со години волонтираше во центар за бездомници, а редовно уплаќаше пари на здруженија кои се грижеа за децата и детските потреби.

„Ни даваше милиони, но категорично ни забрануваше да го споменуваме неговото име во јавност. Во негова чест планиравме да организираме голем концерт следната година, на нашиот 30-ти роденден“, изјави Естер Ранцен, основачка на здружението Childline.

Во 2007 година, во Лондон, Мајкл одржа спектакуларен концерт за медицинските сестри и техничари, со кој им се заблагодари за сета грижа и љубов со кои ја опсипале неговата мајка додека лежела во болница пред да почине.

Целиот приход од продажбата на синглот Jesus To A Child од 1996 година го даде во хуманитарни цели, а истото го направи и со приходот од песните Last Christmas и Everything She Wants, додека заработката од Don’t Let The Sun Go Down On Me го даде во центарот за заболени од AIDS и во здружение за деца.

Пред 16 години, од приватен колекционер го купи пијаното од легендарниот Џон Ленон, за кое искешира 1,45 милиони фунти. „Сакаше клавирот на кој Ленон ја компонираше Imagine засекогаш да остане во неговата родна Велика Британија. Го поклони на музејот во Ливерпул“, изјави кустосот од овој музеј.

Џорџ Мајкл почина на 25 декември, 2016 година, на 54-годишна возраст.