Двајца руски војници признаа вина за гранатирање на украинскиот град Дергачи – еве по колку години затвор добија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Украински суд на двајца руски војници им досуди по 11,5 години затвор поради гранатирање град во источниот дел на Украина.

Тоа е втора пресуда за воени злосторства од почетокот на руската инвазија во февруари.

Пресудата за војниците Александар Бобикин и Александар Иванов следува откако минатата недела се изјаснија за виновни.

„Вината на Бобикин и Иванов целосно е докажана“, изјави судијата Евген Болибок.

Според обвинителите, при гранатирање во кое учествувале тие била уништена образовна установа во градот Дергачи, но немало човечки жртви.

Двајцата војници, опишани како возач и стрелец, биле заробени откако ја преминале границата и продолжиле со гранатирање. Обвинителите бараа затворска казна од 12 години, а одбраната наведе оти двајцата извршувале наредби и се покајале.

Со првата пресуда за воено злосторство во Украина, 21-годишен руски војник доби казна доживотен затвор поради убивање невооружен цивил.