Дваесетина убиени лица и 50 ранети во вооружен напад во американскиот град Левистон (снимка)


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Дваесетина лица загинаа, а повеќе се ранети во престрелка во градот Левистон, во американската сојузна држава Мејн.

Полициската управа во Левистон објави дека осомничениот за нападот е Роберт Кард (40), велејќи дека тој треба „да се смета за вооружен и опасен и дека е во тек голема потера по него“, пренесува Ројтерс.

Агенциите објавија дека бројот на загинати се движи од 16 до 22, а најмалку 60 се ранети.

Полицијата објави три фотографии на Фејсбук, барајќи помош од јавноста за идентификување и лоцирање на напаѓачот, пренесува Хина.

На две фотографии е прикажан осомничениот, маж со брада во кафена јакна со качулка и фармерки, како држи полуавтоматска пушка, а на третата е прикажан бел џип.

„Има активен напаѓач во Левистон. Ги молиме граѓаните да останат во своите куќи со заклучени врати. Полицијата во моментов истражува на повеќе локации“, објави полицијата на државата Мејн претходно на социјалната мрежа X.

„Сан журнал“, цитирајќи го портпаролот на полицијата во Левистон, објави дека се пукало во три различни објекти, вклучително и куглана и кафуле.

Тие два објекти се оддалечени 6,5 километри.

За настанот биле информирани и американскиот претседател Џо Бајден и гувернерката на Мејн Џенет Милс.

Бајден оствари индивидуални телефонски разговори со гувернерката на Мејн Џенет Милс, како и со сенаторите од Мејн, Ангус Кинг и Сузан Колинс и конгресменот Џаред Голден, објави Белата куќа. Претседателот понуди целосна федерална поддршка по пукањето.

Стотици полицајци се вклучени во потрагата по Роберт Кардо, додека жителите на Левистон и соседниот Лисабон добија наредба да се евакуираат. Два полициски извори потврдиЛЕ за „Асошиејтед прес“ дека бројот на жртвите се очекува да се зголеми.

Ако 22 загинати е конечниот резултат, тоа би било второ најсмртоносно масовно пукање во Соединетите држави од август 2019 година, кога вооружен маж отвори оган врз купувачите во супермаркет во Ел Пасо, Тексас, убивајќи 23 луѓе.

Најсмртоносното масовно пукање во САД е забележано во 2017 година во Лас Вегас, кога 64-годишен пензионер отвори оган врз посетителите на фестивалот на кантри музика, убивајќи 58, а рани околу 500.