Два концерти во чест на Јонче Христовски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во чест на легендарниот македонски пејач и композитор Јонче Христовски ќе се одржат два концерти на почетокот на април. Првиот е закажан на 4-ти април во Центар за култура Битола, а пак вториот на 5-ти април во Национална опера и балет Скопје, со почеток од 20 часот.

За време на концертите, хитовите на Јонче ќе ги изведат Виолета Томовска, Ристо Самарџиев, Ленче и Горан Кукиќ, Петар Младеновски, Душко Георгиевски, Агни Авшар и Елена Андоновска, во придружба на Камерен оркестар Битола.

Христовски, кој почина во 2000 година на 69-годишна возраст е еден од најистакнатите македонски народни пејачи. Зад себе остави голем број на популарни песни, помеѓу кои и ,,Македонско девојче”, ,,Ај засвирете ми чалгии”, ,,Ако умрам ил загинам”, ,,И ние сме деца на Македонија” и многу други.

Беше харизматичен лик на сцената, иако животот му го одбележа семејната трагедија.
Имено, во скопскиот земјотрес во 1963 година загинала неговата сопруга, и тој како самохран татко останал да се грижи за своите две ќерки.

На сопругата и ја посвети песната ,,Животе мој”, во која пее за нивната силна љубов, но и за несреќата што останал без неа.
За ќерките Невена и Олгица, негови колеги раскажуваат дека биле центарот на неговиот живот, на кои им била и татко и мајка.
Ги водел со себе на настани, се грижел ништо да не им недостига во животот.
Според последните информации, Невена останала да живее во Скопје, додека пак Олгица се преселила во Канада.

Кон крајот на минатата година неговиот хит „Ако умрам ил загинам” се најде на новиот албум на „Црвена Јабука”.
Кога пак пред две години беше промовиран игран филм за музичарот Тома Здравковиќ, кој достигна голема популарност во регионот, чести беа јавните апели дека во Македонија треба да се сними филм за животот на Јонче, затоа што неговата животна приказна и приватно и професионално, била вредна за спомнување.