ДВ: Владејачките германски партии дадоа зелено светло за Скопје и Тирана


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Двете владејачки партии во Германија, ЦДУ и СПД постигнаа согласност да се одобри одредување датум за почеток на преговори со ЕУ за С. Македонија и Албанија. Бундестагот ќе гласа за одлуката в четврток, пишува Дојче Веле на македонски јазик.

Одлуката била донесена вчера на состанок на коалициските партнери во германската влада. Партијата на канцеларката Ангела Меркел- ЦДУ и социјалдемократите се согласиле дека почетокот на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија ќе испрати важен сигнал за целиот регион.

Пратеничката на СПД, Незахат Барадари, која е и член на парламентарната комисија за ЕУ ја потврди информацијата и најавува дека конечното зелено светло ќе биде дадено на седницата на Бундестагот в четврток.

„Тоа што коалициските партии го ослободија патот за почеток на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија е важен сигнал за европската интеграција на целиот регион“, вели Барадари.

„В четврток, германскиот Бундестаг ќе даде зелено светло. Обете земји сега мораат да ги продолжат реформските напори. Заедно со нашите европски партнери ние ќе ги придружуваме во нивните стремежи и доколку е потребно ќе бараме и дополнителни напори“, вели Барадари.

Одлуката на коалициските партнери практично значи дека воБундестагот е обезбедено мнозинство за двете земји. Германската влада е обврзана да бара одобрение од парламентот за одлуки кои се однесуваат на проширување на ЕУ. Се очекува согласност за одлуката да даде, најмалку, уште и партијата на Зелените.

Конечната одлука е во рацете на лидерите на ЕУ и се очекува таа да биде донесена на самитот закажан за средината на октомври годинава.

Извор: Дојче Веле