ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со 6.000 амандмани против една изборна единица


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


5.000 поднесени амандмани од страна на ДУИ и 1.000 од страна на ВМРО-ДПМНЕ ги кочат предложените измени на Изборниот закон за промена на изборниот модел во една изборна единица.

До консензус тешко ќе дојде со оглед на бројот на амандманите, но и поради несогласувањето на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ со предлогот целата територија на Македонија да биде една изборна единица, наместо досегашните шест, пренесува Слободен печат.

Помалите парламентарни партии поднесоа предлог и за отворени листи на кандидатите за советници на локалните избори, при што застапеноста на мажите и жените на листите е еднаква.

СДСМ го поддржува овој предлог и смета дека нема пречка предвремените парламентарни избори во април 2020 година да се одржат во една изборна единица. Премиерот Зоран Заев потсетува дека тоа било нивно предизборно ветување и се надева дека Собранието ќе усвои нов изборен закон.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент. Пратеникот Антонио Милошоски на прес-конференција рече дека поднеле околу 600 амандмани на предлогот за една изборна единица и исто толкав број на амандмани на другиот предлог-закон за изборните листи.

„Резултат е затворање на општеството и бипартизација, каде две главни политички опции ја делат власта. Ваквата состојба е генератор на чести кризи кои ја разбиваат општествената кохезија и го попречуваат натамошниот демократски и економски развој. Најефикасно може да се обезбеди политички плурализам и демократизација со една изборна единица без изборен праг, што ќе им овозможи на поголем број политички партии и на партиите на помалите етнички заедници да го остварат своето право на претставување. Тоа несомнено ќе води кон мобилизација на квалитетни и конкурентни кадри од страна на сите политички субјекти, што дополнително ќе го подигне нивото на политичка култура, отчетност и ефикасност на избраните претставници,“ пишува во предлогот за законски измени.