ДУИ детронизирана во Тетово – Биљал Касами е нов тетовски градоначалник


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кандидатката за втор градоначалнички мандат во Тетово од редовите на ДУИ, Теута Арифи, го призна политичкиот изборен пораз изјавувајќи дека не успеала да победи на локалните избори во Тетово.

Таа на прес-конференција му посака успех во работата на нејзиниот противкандидат, Билал Касами од БЕСА.

– Мојот противкандидат освои повеќе гласови и Општина Тетово ќе биде водена од мојот противкандидат Билал Касами. Му честитам и му посакувам успешна работа, имајќи предвид дека Тетово е град со многу предизвици. Им благодарам и на граѓаните коишто ме поддржаа – рече Арифи.

Претседателот на Движење Беса и нов градоначалник на Тетово, Биљал Касами синоќа од тетовскиот градски плоштад порача дека за големата поддршка која ја добил од сите етнички заедници ќе се оддолжи со многу работа за што очекува градот да биде подобро место за живеење по четири години.

Партиските активисти по првичните пребројувања на гласовите организираа прослава за изборот на Касами за градоначалник.

– Не сакам да зборувам многу бидејќи не очекува многу работа, сакам да ги поздравам сите граѓани на Тетово кои ме подржаа сите активисти без разлика на етничка, партиска или верска припадност за нивната поддршка. Оваа поддршка е огромна и затоа јас им должам 24-часовна работа со што очекуваме за четири години Тетово ќе биде подобро место за живеење. Сите тие проекти кои се дел од програма им гарантирам дека ќе бидат реализирани и сите се надеваме дека по четири години Тетово ќе биде подостоинствено место за живеење. Уште еднаш голема благодарност до сите граѓани, од сите политички партии, од сите етнички и религиозни групи кој ме поддржаа и со тоа ми дадоа голема обврска да работиме заедно со сите за Тетово, рече Биљал Касами.

Тој рече дека ќе ги реализира проектите кој ги ветил, а меѓу првите работи кои ќе се обиде да ги надмине се проблемите како урбаниот хаос, водата и сметот.