Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според статистичките податоци од последниот попис на населението во Македонија се потврдија претпоставките дека македонските села се празнат со забрзано темпо.
За разлика од пописот во 2002 година, кога биле избројани 147 испразнети населени места, за 20 години, бројката е зголемена на 205. Последниот сет на податоци којшто го објави Државниот завод за статистика покажува дека во земјата има вкупно 1.781 населено место, а 205 се празни. Во дури 218 населени места има помалку од 10 жители, пренесува Дојче Веле.
Селата Едеклерци, Јамуларци, Липов Дол, Скандалци, Сушево, Топлик, Хаџи-Реџепли, Шопур се места во кои одамна не се слуша детскиот џагор. Во штипскиот крај има дури 14 пусти села. Дел од жителите заминале или во поголемите населени места, или пак во странство. Слична е ситуацијата и во општина Новаци, каде за две децении се опустошени 13 населени места, додека во 12 кавадаречки села во септември минатата година немаше ниту еден жител за да им отвори врата на попишувачите.
Скопје пренаселено – внатрешноста се празни
Внатрешноста на Македонија драматично се празни, додека Скопје и околните места изминативе две децении добиле нови станари. Над 60 општини во земјата имаат изгубено голем процент од своето население, дел со внатрешни, а дел и со надворешни миграции. Најдраматична е ситуацијата во Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село кои изгубиле од 39 до 42 проценти од последниот попис од пред 20 години.
Иселување имало и од Гевгелија, Неготино, Гази Баба, Чаир, Центар и Долнени, но таму бројките се далеку помали и се движат под 10 проценти. Намалување на населението се забележува и во Вевчани (3,26%), а најдолу на листата е Тетово коешто изгубило околу 3.04% од жителите.
Статистиката вели дека 684 населени места се со помалку од 100 жители, додека 218 населени места се со помалку од 10 жители. Според бројот на жители најмала општина е Зрновци – 2.086 жители. Населено место со најголем број на жители е Скопје кое за две децении стана град во кој живее речиси една третина од населението. Во него, со последниот попис се евидентирани 526.502 жители со 171.171 домаќинства и 213. 850 станови. Населено место со најголем број на жители е Аеродром со 75. 108, а потоа следуваат Куманово со 75.051 жител, Битола со 69. 287 жители, Прилеп со 63. 308 жители и Тетово со 63. 176 жители.
Според бројот на домаќинства, најмногу има во Аеродром – 27.026, па следуваат Битола со 24.974, Куманово со 23.451, Прилеп со 22.763, Тетово со 17.948, а во 381 населено место има 10 и помалку домаќинства.
Најмногу станови има во Аеродром – 34. 415, а во 116 населени места има помалку од 10 станови.
Најстаро население во Битола, Прилеп и Охрид
Населени места со најмногу младо население на возраст од 0 до 14 години се: Скопје – Чаир, Скопје – Аеродром и во градовите Куманово и Тетово, а со старо население на возраст од 85 и повеќе години се населените места: Скопје – Карпош, Скопје – Центар и градовите Битола, Прилеп, Велес, Охрид итн. Во Македонија е попишанo и 51 лицe на возраст над 100 години.