Другата страна, онаа на пушкаџијата, од аферата со заплената на големо количество оружје во Крушево


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


После објавите за извршениот претрес кај крушевчанец од страна на полициските служби, при што беа пронајдени и запленети повеќе од 60 пушки, повеќе од 60 пиштоли, околу 2.000 парчиња ловечка и боева муниција од различен калибар, како и разни делови за пушки и пиштол, по социјалните мрежи голем број граѓани изразија револт за овој чин.

Според пишувањата на граѓаните, станува збор за пушкаџијата Пецо Кузмановски попознат како Сандокан, кој речиси 40 години се занимава со поправка на секаков вид оружје и кој е познат по својот занает кај сите ловџии во Македонија, но и пошироко, пренесува Плусинфо.

„Ај сега шала на страна, еве го чоечево што најлегално, лиценцирано и со сите дозволи, работи (сервисира) оружје, занает за кој и јавно зборува пред години. Кој е од Крушево, го познава Сандокан. Абе она што го викате држава ви се распаѓа и хоризонтално и вертикално, пичлемиња и копиљаци ви се расфрлаат со милиони и раскурцуваат сѐ до пепел, купена администрација, министри, судство, псеудо премиери и претседатели, а вие се фативте на чесен занаетчија да покажувате сила? Ах бре, ах… Полудено е сѐ таму, повеќе од очигледно…“, напиша на Фејсбук новинарот Игор Филевски-Филе.

„Пронајдоа оружје, а што помислиле дека ќе најдат при претресот на лиценциран занаетчија, кој го поправал оружјето од целата земја и пошироко, заврши огромна работа…“, пишува во еден од коментарите.

„Сабајле веројатно како и сите вие, ја видов веста за крушевчанец П.К. (71) за поседување над 60 пушки и над 60 пиштоли и околу 2.000 парчиња ловечка и боева муниција. Си викам, немогуче е ова, цајканиве да не влегле у некој МУЗЕЈ, не е можно ова… И додека станав кафе ова она заборавив да проверам… Иииии сега гледам кај Игор на ѕид и што да видам, сум погодил бар 90%. Се работи за Петко Кузмановски мајстор занаетчија со над 30 години работно искуство за поправање оружје за кого е снимена емисија пред најмалку 8 години. Ние немаме ПОЛИЦИЈА, искрено НЕМАМ ЗБОР за да ги опишам. Кој срам за Македонија, резил над резилите…“, се вели во коментарот на еден скопјанец кој го споделува Фејсбук статусот на Игор Филевски.

Да биде уште поинтересно, како што коментираат корисниците на Фејсбук, Кузмановски бил началник на полицијата во Крушево, дури честопати во својата работилница го поправал оружјето на МВР.

Кузмановски дури јавно пред камерата на ТВ Алфа пред речиси 10 години јавно говори дека повеќе од 25 години се занимава со поправка на секаков вид оружје, занает кој самиот го научил.

Инаку, за потсетување, преку соопштение МВР информираше дека над 60 пушки, над 60 пиштоли и околу 2.000 парчиња ловечка и боева муниција од различен калибар, како и разни делови за пушки и пиштоли биле запленети од страна на полицијата во домот на П.К (71) од Крушево.

– Криминалистичката полиција на СВР Битола во заедничка акција со полициски службеници од ОВР Крушево, по претходно добиена судска наредба изврши претрес во дом и простории на П.К. од Крушево – вели портпаролката на СВР Битола.

Од СВР Битола велат дека за случајот е известен Јавен обвинител. По целосно расчистување и документирање на случајот против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок.