Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, драматично јавно го искина говорот на претседателот Доналд Трамп откако тој не ја прифати нејзината подадена рака. Веднаш откако тој го заврши својот говор за состојбата на унијата, таа го искина својот примерок од говорот.
Доналд Трамп одржа говор за состојбата на нацијата и ова беше неговa првa средба со Пелоси откако таа го најави почетокот на процесот на отповикување.
Тој ѝ подаде примерок од говорот, по што таа му подаде рака. Сепак, тој не се ракуваше со неа. Потоа Пелоси буквално ги раскина неговите забелешки.
На прашањето зошто го искинала говорот на Трамп, Пелоси рече дека тоа ѝ го наложила „куртоазијата, со оглед на алтернативата“. Тоа беше „манифест на лаги“, рече таа. „Во него не можев да најдам ниедна страница со вистината“.
Белата куќа на Фејсбук реагираше на нејзиниот потег.
„Пелоси ја искина приказната за Таскеги Ерман. За едно дете што доби можност да се школува по свој избор. За преживувањето на дете родено во 21-та недела. За тажните семејства на Роки Џонс и Кајл Малер. За војникот што повторно се среќава со семејството. Тоа е нејзиното наследство“, се вели во објавата на Белата куќа.
Пелоси, исто така, го игнорираше традиционалното претставување на претседателот додека тој влегува во Конгресот. Традиционално, спикерот вели:
„Членови на Конгресот, ја имам огромната привилегија и посебна чест да ви го претставам претседателот на Соединетите Американски Држави“.
Пелоси само рече: „Членови на Конгресот, претседателот на Соединетите Американски Држави“.
Гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, и конгресменката на Тексас, Вероника Ескобар, одржаа говори како одговор на демократите на Трамповиот говор, но нивните забелешки беа засенети од тензиите меѓу Трамп и Пелоси.
Нашата нација е посилна од кога било досега, рече Трамп, фалејќи ја економската состојба во земјата и своите резултати.
Трамп рече дека пред три години почнало „големото американско враќање“, истакнувајќи дека „Состојбата на унијата“ ќе се осврне на економските проблеми.
„Годините на економски пад завршија“, рече тој. „Одиме напред со брзина што беше незамислива пред кратко време и никогаш нема да одиме назад“, рече Трамп.
Говорот на Трамп содржеше некои моменти смислени за на телевизија. Тој му го додели Претседателскиот медал за слобода на контроверзниот радиоводител Раш Лимбо и го обедини семејството на војник што присуствуваше на настанот.
Трамп во говорот ниеднаш не го спомена импичментот.