Драма и тензија во скопската населба Ченто – протести за време на полициски час


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Вчера вечерта, после почнувањето на полицискиот час, во скопската населба Ченто, група граѓани ја прекршија забраната за движење со барање да бидат ослободени тројца нивни сограѓани кои биле приведени од полицијата затоа што не го почитувале полицискиот час.

Полициска патрола синоќа пред полноќ привела три лица кои не го почитувале полицискиот час од 16 до 5 часот наутро, по што група граѓани, исто така прекршувајќи го полицискиот час, излегле од своите домови и барале нивните сограѓани да бидат ослободени.

Неофицијално, приведените се обидувале да ги извадат бариерите на патот што служеле за намалување на брзината на автомобилите.

Пред насобраните граѓани се обратил и градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски кој ветил дека ќе отиде во полициската станица и ќе се врати со приведените.

Тој објаснува зошто отишол да ги смирува насобраните жители.

,,Почитувани граѓани, сакам да ја објаснам ситуација во Синѓелиќ за сите оние кои не ја разбраа до крај, или пак поради неинформираност не ја доловија вистината. Точно е дека вечерва(синоќа) во населеното место Синѓелиќ дојде до нарушување на полицискиот час од поголема група на граѓани. Јас како градоначалник самоиницијативно излегов на лице место откако дознав дека нешто се случува, што е и моја обврска, со една единствена цел, да ја смирам состојбата и да се врати сѐ во нормала, без никакви дополнителни инциденти. Особено сега кога земјава и целиот свет се соочуваме со справување со коронавирус.

За да не се шират дезинформации, ве известувам дека три лица од страна на полицијата се однесени на информативен разговор во ПС Гази Баба. Исто така не е точно дека лицата биле физички нападнати од страна на полицијата, поради што и се собрала групата.

Како градоначалник излегов сам меѓу револтираните граѓани за смирување на состојбата. Тоа е моја должност и обврска. Откако се објаснивме жителите се разотидоа во своите домови.

Затоа апелирам до сите да не се шират непроверени или половични информации, кои можат да влијаат во нарушување на јавниот ред и мир или да внесат паника или бес кај граѓаните“-напиша градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

Дел од учесниците во протестот објавија и видеа по социјалните мрежи. Толпата се разотиде откако приведените беа ослободени.

Во текот на денот се очекуваат и официјалните информации на МВР за овој инцидент.