Доживотен плус 30 години затвор за наркобосот Ел Чапо – му се одзема и сиот имот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Фамозниот мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман, попознат како Ел Чапо, беше прогласен за виновен по основ на сите 10 точки од обвинението за кои се товареше и доби доживотна казна затвор плус 30 години затвор во пресудата за случајот кој се водеше против него.

Ел Чапо беше прогласен за виновен за раководење на смртоносно криминално претпријатие што во текот на три децении прошверцувало тони дрога во САД. Пресудата ја изрече судија во Бруклин. Судот, исто така, му наложи на Ел Чапо да плати надомест од 12,6 милијарди долари, поради што ќе му биде одземен сиот имот.

Рејмонд Донован, агентот на Агенцијата за борба против дрогата (ДЕА) што ги предводеше напорите за фаќање и екстрадиција на наркобосот, рече дека пресудата и казната на Гузман претставуваат „правда не само за мексиканската влада, туку за сите жртви на Гузман во Мексико“.

Гузман, кој не сведочеше во своја одбрана, исто така, му се обрати на судот, првпат по неговото осудување, но преку својот адвокат.

„Со оглед на тоа што владата на САД ќе ме испрати во затвор каде што моето име никогаш повеќе нема да се слушне, ја користам оваа можност да кажам дека овде нема правда“, му рече Ел Чапо на судот преку својот адвокат пред да биде изречена пресудата.

Гузман, кој често се жалеше на условите на неговиот притвор, изјави дека неговото затворање за време на случајот во поправниот центар Митрополитен во Менхетн било „тортура“.

„Бев принуден да пијам нехигиенска вода. Ми беше одбиен пристап до свеж воздух и сончева светлина. Единствената сончева светлина што ја имам во мојата ќелија доаѓа низ вентилот“, рече тој.

„За да спијам, морам да ги затнувам ушите со тоалетна хартија поради воздухот од воздушниот канал“, се пожали тој. „На мојата сопруга до денес не ѝ е дозволено да ме посети, не ми беше дозволено да ги прегрнам моите ќерки.Јас сум физички, психолошки, ментално малтретиран 24 часа на ден“.

„Овој случај едноставно беше инквизиција, судењето беше само шоу. Тука немаше правда“, рече адвокатот на Ел Чапо по изрекувањето на пресудата.

Ел Чапо се наоѓа во затвор во Њујорк од екстрадицијата на 19 јануари 2017 година. Тој беше уапсен во јануари 2016 година во Мексико и екстрадиран во САД, една година подоцна, под обвинение за трговија со дрога, убиства, киднапирања и други кривични дела.

Лидерот на наркокартелот Синалоа беше уапсен шест месеци откако избега од строго чуван затвор така што членовите на неговиот картел ископаа тунел долг 1,5 километри.

Во одредени кругови се смета дека Ел Чапо го надмина влијанието што го имаше познатиот колумбиски наркобос Пабло Ескобар и дека имаше влијание како познатиот американски гангстер Ал Капоне.