Дождот предизвика хорор на култниот фестивал „Burning Man“ кој се одржува во пустината Бек Рок – едно лице почина (снимка)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Годинешното издание на култниот музички фестивал „Брнинг мен“, што се одржува во пустината Бек Рок во американската сојузна држава Невада, се претвори во хорор-приказна. Поради обилни држави, на илјадници посетители на популарниот настан им беше наредено да го напуштат местото.

Организаторите побараа од околу 70 000 гости да штедат храна, вода и гориво бидејќи обилните врнежи го претвориле пустинскиот песок каде се наоѓа фестивалскиот камп во кал. Влегување и излегување е забрането.

Последните информации што ги пренесуваат американските медиуми се дека е пријавен и еден смртен случај. Засега нема официјални информации за околностите во кои настанала смртта ниту, пак, е познат идентитетот на жртвата.

„Семејството е известено и смртта се истражува“, соопштија властите од округот Першинг.

Според информациите, за само 24 часа паднал дожд како за период од два до три месеци. Пустинскиот песок, сведочат посетители, се претворил во густа кал слична на глина низ која е екстремно тешко да се пешачи или да се вози велосипед.

„Се очекуваат повеќе дождови во текот на следните неколку дена, а не се очекува условите да се подобрат доволно за да може да влезат возила на местото“, соопшти Бирото за управување со земјиште, пренесува Си-ен-ен.

Точниот број на луѓе кои се заглавени во пустината не е познат. Само мал дел од нив успеале навреме да излезат. Меѓу нив е и американскиот диџеј Дипло кој на Х (поранешен Твитер) напиша дека заедно со комичарот Крис Рок морале да пешачат осум километри за да стигнат до патот од каде обожаватели ги зеле со возила.

„Брнинг мен“ годинава беше предвидено да трае девет дена. Тоа е еден од најпознатите културни настани во САД и специјално за него, посетителите создаваат „привремен град“ во пустината каде кампуваат.