Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
На Клиниката за инфективни болести во Скопје годинава заклучно со 15 март прeгледани се 156 пациенти кои биле каснати од куче, а на 34 од нив поради сериозноста на повредите дадена им е терапија против беснило. Лани пак на Клиниката биле прегледани 926 пациенти каснати од куче, а на 128 дадена им е терапија против беснило и тетанус серум.
Освен трагичниот настан од минатата недела, кога четиригодишно дете од кичевското село Бачишта среде бел ден беше искасано од глутница кучиња, а неколку дена подоцна почина на скопските клиники, постојано има пријави за искасани граѓани од целата земја. Пред две години стружани имаа страшен проблем со кучиња, кои напаѓаа минувачи на шеталиште, минатиот месец повозрасна штипјанка беше искасана од домашно милениче.
Од Инфективна објаснуваат дека оваа бројка на каснати пациенти од куче не е целосна, бидејќи дел од пациентите не го пријавуваат случајот, а дел одат во други здравствени установи.
Терапијата што во вакви случаи пациентот треба да ја прими ја одредува лекарот, и главно се состои антитетанична профилакса или заштита од тетанус, и антирабична профилакса или заштита од беснило. Ако има евентуално секундарна инфекција на раната се дава и антибиотик. Која терапија ќе се даде зависи од епидемиолошките податоци што ќе ги даде пациентот, односно дали кучето што го каснало било скитник, дали кучето има сопственик, и врз база на вакциналниот статус на пациентот, односно дали редовно е вакциниран против тетанус, велат од Клиниката за инфективни болести, од каде тврдат дека ја имаат потребната терапија и за заштита од беснило и за заштитат од тетанус.
Само минатиот месец во Скопје се заловени околу 200 кучиња скитници, од кои 30 се вдомени, а 23 се еутаназирани. Од скопското јавно претпријатие Комунална Хигиена велат дека во просек секој месец по толку кучиња скитници се заловуваат и по толку се вдомуваат и еутанизираат.
Годишно третираме околу 2.000 кучиња. поголем дел ги стерилизираме и ги вакцинираме против беснило. Околу две недели се во нашиот стационар ако дојде некој да ги вдоми, а ако не, се враќаат од таму од кај што се заловени. Ако е агресивно веднаш се еутаназира, особено ако има доказ дека тоа одредено куче каснало човек, а потоа повредите се и болнички документирани, велат од ЈП Комунална Хигиена.
Додаваат дека нивната ветеринарна случба работи во две смени и дека одат на терен на повик од граѓани, а бездомни кучиња може да се пријават на дежурниот телефон 3216 644.
Казните за сопствениците на миленичиња, кои ги шетаат без заштитни маски се од 100 до 400 евра. Во случај некој да е искасан од куче, максималната сума што може да му ја доделат судовите е околу 90.000 денари, од кои за претрпена физичка болка до 35.000 денари, за претрпен страв до 30.000 денари, за душевна болка до 20.000 денари за нагрденост до 5.000 денари.