Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Општината Маврово Ростуше под притисок на јавноста конечно и официјално донесе решение со кое на инвеститорот Радика резорт му се наложува во рок од 15 дена да ги отстрани градбите, 9 типски објекти изградени во армирано-бетонски скелетен систем под хотелот Радика во Маврово, пренесува Мкд.мк.
Градежните инспектори на Општина Маврово и Ростуше првиот увид го извршиле уште во март годинава, по што било констатирано дека инвеститорот нема одобрение за градба. Планот на инвеститорот е тука да се изградат 87 такви типски куќи, а изградбата на првите девет продолжила и после март.
На 15 септември бил извршен уште еден увид од страна на градежните инспектори, но изградбата продолжила. Во решението на општината пишува дека доколку инвеститорот сам не ги урне нелегално изградените објекти, тоа ќе го стори општината, но трошоците ќе мора да ги намири инвеститорот.
Надлежниот градежен инспектор во документот пишува дека од разговорот со претставници на хотелот Радика, овластеното лице Мурат Јусуфи му кажало дека градежните активности продолжиле затоа што инвеститорот сметал дека затоа што на 2 јули 2021 година има платено комуналии за 22 објекти во вредност од 56.188 евра може да гради и дека одобрението ќе го обезбеди во најкус можен рок.
Рокот за уривање e веројатно до средината на октомври, а мештаните велат дека работниците си продолжуваат со изградбата на куќите.