Донбас е претворен во пекол


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Руските сили целосно го уништиле источниот регион Донбас, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во својата ноќна видео порака, Зеленски ја обвини Москва дека бесмислено бомбардира додека офанзивата се интензивира. „Во Донбас, окупаторите се обидуваат да го зголемат притисокот. Таму е пекол и ова не е претерување“, додаде Зеленски.

Според гувернерот на регионот Луганск, Серхиј Гајдај, во руското бомбардирање во изминатите 24 часа загинале 13 лица, најголемиот дел во градот Сјеверодоњецк.

„Противникот е во офанзива во делот на Лисичанск и Сјеверодоњецк“, соопшти украинскиот Генералштаб и додаде дека украинските сили го одбиле нападот во Сјеверодоњецк. Борби се водат и во неколку места на граничната линија помеѓу регионите Луганск и Доњецк.

Украинскиот претседател Зеленски потенцира дека руската инвазија на неговата земја секој месец предизвикува дупка во буџетот од околу 5 милијарди американски долари (4,8 милијарди евра).

„За да се издржи во војната за слобода, потребна ни е брза и доволна финансиска поддршка“, оцени тој. Според Зедленски, странските партнери на Украина не би требало на помошта да гледаат како на подарок, туку како „придонес за сопствената безбедност“. Украина, нагласува Зеленски, ги штити другите земји од војна.