Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Долговетуваната донација од вакцини од производителот Фајзер која соседна Бугарија ја вети за Македонија конечно ќе пристигне во земјава. Се работи за над 50 илјади дози вакцини Фајзер/Бајонтек чиј рок на употреба истекува на 30 септември годинава.
„Конкретно за Македонија, изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември“, изјави за време на парламентарната дискусија, министерот за здравство Стојчо Кацаров. Тој објасни дека компанијата „Фајзер“ не дозволила ниту една земја да обезбедува, продава или донира вакцини без ратификација од Народното собрание. Според Кацаров, донацијата требало да се изврши во јуни, но поради проблеми со процедурите тоа не успеало.
Бугарија вети дека ќе издвојува вакцини за Македонија од секоја пратка која ќе ја добива на 22 декември минатата година. Тогаш и министерот за здравство Венко Филипче присуствуваше на владината седница во Софија и доби ветување дека вакцините паралелно ќе присуствуваат и во Бугарија и во Македонија.
Станува збор за гест со чисто срце без задкулисни намери, ќе изјави тогаш бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Кон крајот на мај, за време на Самитот на ЕУ, бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека за неговата земја е приоритет споделувањето на вакцините со Македонија и регионот.
„Ќе го разгледаме механизмот за споделување на вакцини од држави членки кон трети земји. За Бугарија приоритет е Западниот Балкан со Македонија на врвот“, рече Радев.