Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Познато е дека уште од времето на неговата претседателска кампања, Доналд Трамп го користеше Твитер како негов главен „мегафон“ и примарна социјална мрежа за пласирање на неговите ставови и промоција на неговата претседателска програма.
И по стапувањето на најмоќната политичка позиција во светот – претседател на САД, Трамп го задржа тој однос и користење на Твитер. Но, сега оваа социјална мрежа првпат ја стави на проверка објективноста на твитовите на американскиот претседател, со поразителен резултат за Трамп, кој пак е револтиран, пренесува Дојче Веле.
Со син извичник и укажувањето: „Проверете ги фактите за гласањето по пошта”, Твитер им сугерира на корисниците да ги посетат страниците каде се прави проверка на фактите и се побиваат тврдењата на Трамп дека гласањето по пошта ќе доведе до изборни злоупотреби. Страниците за проверка на фактите на кои упатува Твитер се повикуваат меѓу другото на наодите на ТВ СиЕнЕн и на „Вашингтон пост”.
Американскиот претседател твиташе на пример дека документите за гласање по пошта во Калифорнија се испратени до сите лица во оваа сојузна држава, „независно кои се тие или како стигнале таму.” Но фактички, потребни документи за гласање по пошта добиле само лицата кои имаат гласачко право и се регистрирани на изборачкиот список. Трамп освен тоа предупреди дека биле украдени, фалсификувани и „илегално печатени” гласачки ливчиња, како и дека биле „незаконски пополнети”. Твитер на тоа додава: „Експертите велат дека гласањето по пошта многу ретко се доведува во корелација со изборна измама.”
Портпаролот на Твитер Ник Пацилио изјави дека вршењето проверка на факти во нивната мрежа не се прави првпат, но првпат е на процедурата да е подложен американскиот претседател. Обвинувањата на Трамп, изнесени преку Твитер, се однесуваат на претстојните избори во една калифорниска општина за ослободено место во Претставничкиот дом. Гувернерот Гевин Њусом, поради пандемијата на коронавирус, сака да ја прошири можноста за гласање по пошта. Републиканците на Трамп се спротиставуваат на намерата, стравувајќи дека може да профитира Демократската партија на која припаѓа и гувернерот.
За Трамп, Твитер е еден од најважните канали за ширење на неговите политички пораки. Тој перманентно ја користи службата за кратки вести за жестоки напади врз своите противници и пофалби за сопствената владина политика. Многу често критичарите ги ставаат твитовите на Трамп на тапет поради извртување и непочитување на фактите. Но, досега Твитер никогаш не ги подложи твитовите на американскиот претседател на проверка на вистинитоста- т.н. фејкњус, невистинити информации. Пред две недели концернот меѓутоа ги заостри сопствените правила против ширење непроверени и лажни вести.
Трамп реагираше со огорченост на проверката на фактите, се разбира – преку твит: „Твитер целосно ја потиснува слободата на говор, а јас како третседател тоа нема да го дозволам”, напиша тој.