Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Планинскиот масив Мокра е најголемиот и еден од најпиторескните планински масив во Македонија. Составен од планините Јакупица, Караџица, Даутица, Голешница, Сува Планина и Китка, својот највисок врв го има на Јакупица – Солунска Глава со 2540 метри надморска височина. Караџица (2.473 м), Попово Брдо (2.380 м), Остар Брег (2.365 м), Убава (2.353 м), Остар Врв (2.275 м) и Даутица (2.178 м)Лоциран во средишниот дел на Македонија, овој планински рај е ограден од долините на реките Вардар на исток и Треска на запад. Кон југ Мокра се отвора кон Пелагонија, поточно Прилепското Поле, а кон север кон Скопската Котлина.
Настанат е во терциерот, преку раседнување, а неговото јадро е составено од гнајс и кристалести шкрилци. Масивот Мокра е познат по своето изобилие со води и речна мрежа. По падините на планините кои влегуваат во овој планински систем течат повеќе реки (Бауна, Тополка, Кадина Река, Маркова Река)- сите притоки на Вардар во егејското сливно подрачје. Масивот е богат и со шуми, претежно листопадни во средните и пониските делови и зимзелени во повисоките делови. Во повисоките делови Мокра Планина е богата со пасишта.
Панорама на Плавник, Јакупица
Од највисоките врвови на споменатите планини се простира раскошен панорамски поглед на речиси сите повисоки планински масиви на целата територија од Македонија. Од Солунска глава, Караџица, Даутица, Бел камен, Остри врв и останатите висински доминантни места на дофат од ’еден поглед’ се отвораат Шара, Кораб, Осоговијата, Кожуф, Ниџе, Баба, па сè до далечниот Пирин кога тоа го дозволуваат атмосферските услови.
Меѓутоа, најимпресивните и најживописни места на македонските планини најчесто не наоѓаат во срцето на планинските масиви, на некоја релативно средна надморска височина во однос на највисокиот врв од планината. Таков е случајот и со едно од најимпресивните и најбујни места кои можете да ги сретнете на гореспоменатиот масив Мокра – месноста Долна Бабина дупка. Овој мал зелен рај составен од комбинација на листопадни и зимзелени горостасни дрвени џинови со право може да се нарече огледало и извор на убавината и гордоста на Јакупица.
Планинарскиот дом „Чеплес“ и гордиот Плавник над него
До него се стигнува од две страни. Едниот пат води од планинарскиот дом Чеплес (истовремено, тој е патот кој води до самиот врв Солунска глава), низ море од папрати на почетокот, преку шумскиот појас од букови стебла кои пленат со својата извишеност и грандиозност. Откако ќе изминете околу еден час (за некои можеб и малку повеќе од еден час) пешачење низ шумскиот предел, пред вас ќе се подаде зеленото гнездо кое ќе ве натера да се заседенте и да украдете парче природа со вашиот поглед. Вториот пристап до ова место е од источното подножје на Јакупица, преку изворите на реката Бабуна.
Морето од папарати над Чеплес
Буковата шума
Вгнездено на 1.680 метри надморска висина, ова парче планинско зеленило, доколку го послетите во доцните пролетни или летните денови, ќе ве зашемети со дрочноста и изобилството на вегетација. И воопшто, целата поголема месност наречена Исмаилица, која соседствува со импресивните Нежилови стени кои се стрмоглават под Солунска глава, изобилува со богата флора и продорно зеленило.
Дел од зеленилото пред Долна Бабина дупка
Дел од флората на Долна Бабина
Од запад скриена под пазувите на Горно и Долно Ќуле, а на исток со раскошен поглед кој се отвора кон морето од планински и ридски брановидни форми кои ги создаваат високите делови на централна и источна Македонија, Долна Бабина дупка е уникатна по многу нешта. Пред сè по неверојатниот мир и спокој кој го нуди местото, надополнет со шумскиот густеж кој ја краси источната страна на Јакупица, а завршува токму на ова место.
Над него веќе се издигнува карпест предел, со ниска форма на растителен свет и каменест терен. До болка зелен (како што авторот љуби да каже) тревниот тепих на Долна Бабина е прошаран со разновидни цветни горделивци кои прават виножитни шари ливадниот простор опкружен со шума.
Долна Бабина дупка
Исто
Сепак, она што најмногу ја прави уникатна Долна Бабина дупка, и истовремено нуди неповторливо возвишено чувство кое го обзема човечкиот дух е грандиозниот погледн на карпестиот убавец и горделивец – врвот Солунска глава.
Восхитувачки видик на Солунска глава од над Долна Бабина дупка
Погледот што се отвора кон врвот, веднаш над разиграните иглолисни врвови на ниското зимзелено ’небо’, ја долоував импозантната југоисточна страна на Јакупица која како парче скршено сирење зјае со сивите и стрмни Нежилови стени – врвниот предизвик на алпинистичкиот стил на качување на нашите простори.
Поглед ’одблизу’ на Солунска
Тој монументален и уникатен планински споменик извајан од надредената рака на мајката Природа, напросто ќе го импресионира и закова вашиот поглед со и за своите спилести падини од чија вртоглава стрмоглавост запира здивот. Немиот дијалог на сивата и зелената страна на Јакупица ве принудува да ја почитувате тивката осаменост на местото.
Седнати на ледините од Долна Бабина со поглед закован некаде во центарот на Нежилови стени и Солунска глава, и вие ќе станете дел од таа хармонична игра на карпи и вегетација. Се добива неповторливо чувство дека убавината на Солунска глава и нејзината спилеста југоисточна страна извира и завршува токму кај Долна Бабина дупка – местото коешто го има најубавиот поглед на импресивниот висински завршеток на Јакупица. Едновремено, многумина ќе се согласат дека таа имгаолошка интерактивност на Долна Бабина и Солунска што се спојува во уникатно искуство и доживување на двете места едновремено, е веројатно и еден од најубавите планински пејзажи во Македонија.
Уште еден поглед на Долна Бабина дупка
Изворчето на Долна Бабина – спомен од прилепчани
Кладенецот и сенките на Долна Бабина дупка нудат идеални услови и за подолг кампинг престој на ова идилично место. Рамниот терен, меката трева и дебелите сенките се и повеќе од доволен предизвик за оние со авантуристички дух да фрлат шатор на оваа месност, пред евентуално да го продолжат своето искачување кон Солунска глава.
Убавината има зелена боја
Горделивите чувари на свежината на Горна Бабина
Местово плаче да му се намерачиш со шатор
Дрвената конструкција која се наоѓа на почетокот од долниот дел на зимзелената шума кај Долна Бабина дупка нуди опција за создавање на импровизирана куќарка со помош на шаторски крила и друг заштитен материјал кој вашиот престој ќе го направи побогат за уште едно непосредно искуство на природните услови и убавини.
Водопадите на Бабуна
Во долниот дел на оваа југоисточна страна на Јакупица се наоѓаат и изворите на реката Бабуна. Недалеку од нив, веднаш е формиран фасцинантен водопад кој плени со играта на бистри и проѕирно сини прелевања на речната вода.
Нежилови стени
Импресивноста и природната моќ на Јакупица, покрај видикот на Нежиловите стени од Долна Бабина дупка, сепак, најубаво се доживува кога истите тие ќе ги погледнете од нивниот висински завршеток, покрај кој врви патеката што води до самиот врв Солунска глава. Моќта на ’скршената’ страна од Јакупица влева стравопочит и возвишеност, едновремено, кај секој еден кој ќе застане надвиснат над оваа стрмна карпеста падина.
Нежилови стени, друга перспектива
Раскошната Јакупица со сета своја заводливост и привлечност со сигурност нема да ве остави рамнодушни. Она што ќе го видите, доживеете и искусите додека ја гушкате нејзината гордост и убавина ќе ве намами повторно и повторно да се враќате во нејзините прегратки.