Home Мода и убавина Долга коса после педесеттата: Совети за раскошна и модерна фризура

Долга коса после педесеттата: Совети за раскошна и модерна фризура

Во седумдесеттите години, многу жени носеа долга, црна, права и сјајна коса.

Тој прекрасен изглед денес често може да се види само на старите фотографии, бидејќи подоцна, со влегувањето во позрели години, повеќето се одлучуваа за пократки фризури. Кога ќе наполнеле четириесет години, се шишале на паж и од тогаш веќе никогаш не ја пуштале косата долга. Ова не беше исклучок, туку правило. Пријателки, тетки, соседки – сите имаа кратка коса, бидејќи се сметаше за несоодветно да ја надмине должината на клучната коска. Без разлика дали од практични причини или поради општествени норми, долгата коса едноставно не беше опција за жените во позрела возраст.

Но, времињата се променија. Модата на долга коса кај жени постари од 50 години стана уште еден тренд на убавина кој ги руши старите стереотипи. Сè повеќе дами одлучуваат да ја задржат својата долга коса, докажувајќи дека убавината и стилот немаат старосни граници. Долгата коса повеќе не е само избор за младите – таа стана симбол на самодоверба, слобода и личен израз.

Зошто се промени ставот?

Причините за оваа промена се бројни. Прво, општеството стана поотворено кон различностите во изгледот, овозможувајќи им на жените поголема слобода на изразување. Второ, напредната технологија во производите за нега на коса и модерните третмани нудат безброј решенија за одржување на здравјето и сјајот на долгата коса. Инспирација даваат и познати дами како Деми Мур, Сара Џесика Паркер, Енди Мекдауел, Кортни Кокс, Хајди Клум, Џенифер Анистон и Џенифер Лопез – сите тие докажуваат дека долгата коса може да биде софистицирана и модерна во која било деценија од животот.

Совети за нега на долга коса по 50. година

Хидратацијата е клучна – Користете балсам после секое миење за да ја задржите косата мека и нахранета. Ако имате тенка коса, изберете балсам за волумен после шампонот за сјај.

Намалете ги жолтите тонови – Ако имате седи влакна, љубичастиот шампон е вашиот најголем сојузник. Тој го елиминира жолтилото и на косата ѝ дава ладен, префинет тон.

Заштита од топлина – Никогаш не стилизирајте ја косата без термална заштита! Користењето производи за заштита од топлина спречува оштетување и ја зачувува нејзината структура.

Фенирање за волумен – Секогаш сушете ја косата со фен, а не природно – така ќе добиете поголем волумен и сјај, додека косата ќе изгледа негувано и елегантно.

Додадете сјај – Користењето на спрејеви за сјај го освежува изгледот и дава здрава, блескава завршница.

Редовно шишање – Скратувајте ги врвовите на секои осум недели за да спречите појава на испукани врвови и да ја одржите косата во уредна форма.

Најдобри начини за стилизирање на долга коса по 50. година

Освен правилната нега, стилизирањето игра клучна улога во создавањето на модерен изглед. Разделот може да направи вистинско чудо – на пример, цик-цак разделот дава разигран и интересен ефект, додека неуредниот раздел нуди секси, „undone“ изглед во стилот на Брижит Бардо. Од друга страна, разделот на средина враќа духот на седумдесеттите и делува ретро и софистицирано.

Текстура и волумен – Плажните бранови (beach waves) се одличен избор, бидејќи создаваат илузија на погуста коса и внесуваат свежина. За совршен ефект, користете salt spray – особено сега кога доаѓаат потопли денови!

Опуштени плетенки – Ако се одлучите за плетенка, нека биде лабава и небрежна, со неколку прамени кои паѓаат околу лицето. Така ќе избегнете строг и остар изглед, а ќе добиете помека и поелегантна естетика.

Долгата коса – изјава на стил и слобода

Модата повеќе не познава старосни ограничувања, а долгата коса е симбол на самодоверба и личен избор. Бидете смели, негувајте ја својата коса и уживајте во нејзината раскошна должина без разлика на годините!

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Француски тајни: Како мирисот на нашата коса да трае цел ден

Која од нас не им завидувала на Французинките за нивната магична способност секогаш да мир…