Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Верзијата за конечниот договор помеѓу Косово и Србија, кој се состои од 22 точки, е објавена во медиумите во двете земји. Текстот на договорот, кој стигна во јавноста преку социјалните мрежи, е подготвен од Вашингтон, Париз и од Москва. Според него, се предвидуваат влез на Косово во Обединетите нации и промена на границите, додека на Србија ѝ се ветува влез во ЕУ, тврди Независната балканска новинска агенција (ИБНА).
Границата меѓу двете држави ќе биде преку воздушната линија на езерото Газивода, пренесуваат медиумите во регионот. На косовската страна линијата ќе се протега меѓу: Витковиќ – Брњак – Резале – Ковач – Зубин Поток, а на српската страна ќе ѝ припадне делот над Зубин Поток до сегашната граница. Во точката четири од договорот се предвидува на Србија да ѝ припадне територијата на линијата Зубин Поток – Зупче – Зечан – Жероница – Бањска – Вуче – Лепосавиќ -Земаница.
Косовска Митровица би станала слободна зона на период од 35 години, а не повеќе од 99 години. Двата дела на градот ќе бидат обединети и со нив ќе управува претседателство во кое би членувале еден Србин и еден Албанец, а еден ќе биде по предлог од Советот на безбедност на ОН, со мандат од пет години. Градот ќе има собрание од 50 одборници, по половина од албанската и српската заедница. Пет советници ќе бидат странци што ќе ги именува администратор од странство. Градот ќе има свој буџет, полиција, лични карти и пасоши, додека НАТО ќе биде задолжено за безбедноста. Платежна валута ќе биде еврото.
Рударскиот комбинат „Трепча“, за кој се проценува дека поседува природни ресурси вредни околу 500 милијарди евра, би добил специјален статус. Здружен американско-француско-кинески конзорциум ќе го експлоатира рудникот во период од 99 години. Митровица би добила 15 отсто од приходите, Србија 35 отсто, а 50 отсто би се слеале во буџетот на Косово.
Општината Прешево, која е на југот на Србија, би му припаднала на Косово, а Бујановац би имал специјален статус. Градот би добил тричлен совет и собрание со 30 члена. Буџетот на Бујановац би бил финансиран од Србија, Косово и од ЕУ. Градот би станал и слободна даночна зона.
Воената база „Југ“ во близината на Бујановац би станала американска, но со мешан состав. Половина од 1.700-те војници би биле Срби, а половина Албанци, со цивилен надзор и советнички статус. Коридорот би бил под заштита на НАТО во следните 15 години, а сите страни би можеле да се движат слободно во него.
Седумдесет и пет отсто од струјната мрежа би му припаднала на Косово, а 25 отсто на Србија. Енергетскиот сектор би бил управуван од САД, Австрија и од Германија.
Пеќската патријаршија и српските цркви на Косово би добиле екстратериторијален статус на Косово.
За Коридорот 10 се предвидува тој да биде обезбедуван од НАТО, пишува „Бота сот“.
Се очекува договорот да биде гарантиран од Советот за безбедност на Обединетите нации, ЕУ и од НАТО, откако ќе биде комплетиран на 15 мај. Се очекува конечниот договор да биде потпишан во периодот помеѓу 28 јуни и 13 јули. Косовскиот и српскиот парламент би го ратификувале договорот и би извршиле уставни промени до октомври. Имплементацијата на спогодбата би почнала на 1 ноември.
Извор: Нова Македонија