Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
ПОСЛЕДНАТА ГОЛЕМА БИТКА СО НЕВИДЛИВИОТ НЕПРИЈАТЕЛ
Деновиве кога бројките на новоинфицирани и починати од SarsCov-2 во многу европски и други држави од северната хемисфера достигнуваат нови рекорди, можеби насловов ќе Ви изгледа претерано оптимистичен и нереален. Но овој мој оптимизам не се должи само на мојот непоправлив карактер, туку и на три научно базирани фундаменти.
Механизмот со кој разорува вирусот секој ден ни станува се појасен од субцелуларно ниво, до комплетната клиничка експресија. Појавата на цитокинска бура, делувањето врз АЦЕ рецепторите во организмот, микроциркулацијата и коагулацијата на крвта, се веќе апсолвирани нарушувања, кои знаеме како настануваат, кога може истите да ги очекуваме и кој сегмент од популацијата е највулнерабилен. Лабораториските и параклиничките иследувања кои се неопходни да се направат за рано откривање на овие животозагрозувачки состојби се јасно детерминирани со точна временска дистанца.
Потрагата по медикамент кој ќе може уште во раната фаза на инфицираност да го убие вирусот или драстично да ја намали неговата патогеност иако се уште немаат Happy End, исфрли 2-3 антивиремици и антихелминтици, кои имаат помал или поголем успех. Remdesivir иако беше најавуван како клуч во борбата со Covid-19, се повеќе го губи здивот, но се поголем е бројот на студии кои ги покажуваат позитивните ефекти од еден друг антивиремик, Favipiravir, кој за среќа го имаме и кај нас и пред се на еден стар и добро познат антихелминтик Ivermectin,кој за жал не е достапен во Македонија за употреба кај луѓе. Овој лек покажува позитивни резултати во сите фази на заболувањето.
Molnupiravir е нов антивиремик се уште во клиничка фаза II/III кој покажува одлични резултати како многу потентен селективен антивиремик.
Трите вакцини за кои се тврди дека имаат многу висок процент на ефикасност со низок степен на несакани ефекти се третиот столб во тврдењето дека ја водиме последната голема битка со вирусот кој ни го смени животот. Искрено посакувам пред масовната вакцинација да се пронајде долгоочекуваниот лек, кој ќе може да ја одложи вакцинацијата и да овозможи дополнителни испитувања на вакцините, пред се на Фајзеровата, која е потполно нов и досега неприменуван облик за вакцинирање на хуманата популација. Секако дека за комплетна ерадикација на вирусот најверојатно на крајот сепак ќе е неопходна масовна вакцинација на целокупното население, но најдобро со 100% сигурна и комплетно проверена вакцина.
Следните 6-8 месеци човештвото ќе ја добие оваа последна жестока битка со невидливиот непријател. Затоа бидете стрпливи и внимателни, не дозволувајте да станете жртва сега кога крајот е се појасно дефиниран. Последните 7 дена од Втората светска војна погинаа најмногу луѓе. Да не ја повториме иста грешка. ЖРТВУВАЈТЕ ГИ ПРЕСТОЈНИТЕ СЛАВИ, НОВОГОДИШНИ И БОЖИКНИ СОБИРАЊА, за спокојно и безгрижно да го дочекаме следното лето.
#ОдНасЗАВИСИ!!!