Дојче Веле: Германска научна студија од 2012 година во целост детално ја предвидува епидемијата на коронавирус


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Разни научни студии направени од експертски тимови од научни институти од различни развиени земји одамна предвидуваат дека пандемија, слична на актуелната со коронавирусот, е прашање на време. Една германска студија од 2012 година тоа го прави со неверојатна прецизност, пренесува Дојче Веле.

На 3 јануари 2013 година германската сојузна влада до парламентот-Бундестагот доставува експертски извештај изработен од научници на Роберт Кох институтот и други институции, во кој се развиваат можни сценарија за пандемија со нов коронавирус, сличен на оној на Сарс. Овој извештај, или поточно анализа на ризик, е основа за политички одлуки во случај на таква појава.

Она што во тој извештај го предвидуваат научниците, деновиве, со избивањето на пандемијата на Ковид-19, со минимални разлики го преживува целиот свет.

Повод за извештајот е случај од летото 2012 година, кога во светот се откриени шест пациенти со нов, дотогаш непознат, коронавирус, кој не бил директно поврзан со коронавирусите од семејството Сарс-КоВ, каков што имаме денес. Двајца од шестмината пациенти заразени со овој нов вирус во 2012 година починале. Единствениот пациент кој бил третиран во Германија- преживеал. Карактеристика на овој вирус била што тешко се пренесувал од човек на човек, па и ризикот од поширока епидемија бил мал. Но, случајот бил повод научниците да развијат сценарио со поопасна варијанта на тој вирус, кој брзо би се пренесувал од човек на човек. Го нарекле Моди-Сарс-Вирус, или модифицирана верзија на Сарс-КоВ. Во случајот Моди-Сарс е хипотеза, но со реални својства.

Потекло на вирусот

Во 2012 научниците ја даваат следната прогноза за потеклото на вирусот:

„Вирусот ќе потекне од Југоисточна Азија, каде од диви животни ќе се пренесе врз луѓе на пазарите. Бидејќи животните не се разболуваат, ризикот од инфекција нема да биде препознаен. Ваквите синџири на инфекција кои се предизвикани од зоонотски пренос можат да се следат само ретроспективно, но и тоа не успева во сите случаи“.

Периодот на инкубација на овој вирус, од пренесувањето врз човек до првите симптоми, најчесто ќе биде меѓу три и пет дена, но можно е да трае и до 14 дена, се наведува натаму во студијата.

„Симптомите се висока температура и сува кашлица, повеќето пациенти ќе чувствуваат недостаток на здив, а во некои случаи и треска, гадење и болки во мускули. Дополнително може да се јават и дијареа, болки во глава, осипи, вртоглавица, губење апетит и грчеви. Смртноста ќе биде околу 10%, иако ќе се разликува во зависност од старосната група. Децата и младите полесно ќе ја прележуваат болеста со смртност од околу 1%, додека кај старите над 65 години таа може да достигне и 50%“, се наведува во сценариото.

Научниците натаму предвидуваат како ќе започне болеста и како ќе се развива:
„Случаите ќе започнат во февруари во Азија, а таму веројатно по неколку недели ќе стане позната целата димензија. Во април првиот случај ќе биде регистриран во Германија.“

За споредба, актуелниот Ковид-19 беше откриен во Кина, во градот Вухан во декември минатата година. Во февруари вирусот полека почна да се шири и во Германија.

Вакцината клучен фактор

Научниците и тогаш, како и денес, сметаат дека болеста ќе биде активна се додека не се најде вакцина. Разликата во 2012 година е што се проценува дека за пронаоѓање на вакцина ќе бидат потребни три години. Денешните, оптимистички проценки, се дека тоа би можело да се случи за 12 до 18 месеци.

Поаѓајќи од проценката дека за вакцина ќе бидат потребни три години, германските научници го развиваат и моделот за ширење на болеста. Анти-епидемиолошките мерки, според научниците, треба да започнат откако од инфекцијата ќе починат 10 пациенти. Тие оценуваат дека овие мерки се ефективни меѓу 48 и 408 ден од почетокот на првите случаи на инфекцијата.

Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.

Се предвидуваат три брана во тие 36 месеци колку што би траела пандемијата.

Во првиот бран (од денот 1 до 411) ќе се заразат 29 милиони луѓе во Германија, во вториот бран (ден 412 до 692) околу 23 милиони, а во третиот бран (ден 693 до 1052) вкупно 26 милиони жители на Германија. Во целиот тригодишен период проценките се дека од вирусот ќе починат 7,5 милиони луѓе. Дополнително, треба да се смета и на други жртви поради преоптовареноста на медицинскиот систем и на негувателите кои нема да можат да им пружаат адекватна нега на пациентите. По првиот пик на болеста, бројот на новозаразени ќе паѓа, меѓудругото и затоа што дел од населението ќе развие имунитет на болеста. Но потоа следува вториот бран кој може да биде предизвикан од олеснувањето на мерките за изолација или од субјективни одлуки на граѓаните. Притоа, вирусот дотогаш би можел да добива и нови форми и да ги напаѓа и оние кои развиле имунитет на претходната форма. Попрецизно, научниците предвидуваат дека еден човек кој го прележал вирусот ќе биде имун на него, во просек, во следните 360 дена. „Потоа тоа лице може повторно да биде инфицирано од мутирана верзија на вирусот“.

Во однос на третманот, се предвидува дека поради недостаток на вакцина, сите пациенти ќе се третираат симптоматски, а се препорачува брз почеток на терапии за заштита од секундарни (бактериски) инфекции. Се проценувало дека меѓу 20 до 30% од заразените ќе имаат потреба од интензивна медицинска нега, и дека 14% ќе бидат ставени на респиратори. Како мерки на заштита се препорачуваат изолација, носење маски, и засилена лична хигиена.

Сценарио без мерки

Горенаведеното сценарио е модел кој предвидува сеопфатни мерки од надлежните. Научниците изработиле и алтернативен модел, односно ситуација во која не се преземаат мерки за заштита, и секое заразено лице заразува уште три други. Разликата во бројките во таква ситуација е драстична. Имено, во тоа сценарио се предвидува дека во првиот бран ќе починат 19 милиони луѓе, во вториот 6,5 милиони, а во третиот 3,3 милиони.

Студијата од 2012 година во детали ги разработува и проблемите и потешкотиите кои ќе се јават во речиси сите сфери: здравство, економија, финансии, социјала, инфраструктура, транспорт, безбедност, исхрана итн.
Во делот на политичките импликации, научниците уште тогаш ги предвиделе реакциите на кои сведочиме денес, речиси во целиот свет:

„Повиците до надлежните да дејствуваат брзо и ефикасно ќе се слушнат рано. Потрагата по „виновници“ и прашањето дали подготовките за заразата биле доволни ќе се појават уште при првиот бран инфекции. Дали ќе има барања за оставка или други сериозни политички ефекти, исто така ќе зависи и од кризниот менаџмент и од кризната комуникација на надлежните“, се наведува во студијата од 2012 година на германските научници.