Договорот со Грција денес во Собрание, протести пред Собрание


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Договор за промена на името и решавање на деценискиот спор со Грција кој беше потпишан од врвот на македонската Влада денеска ќе се најде пред пратениците на Собранието на Македонија со што ќе почне процедурата за ратификација на договорот.

Талат Џафери, претседателот на Собранието, по вчерашниот состанок со шефовите на пратеничките групи, за денеска ја закажа седницата и изјави дека очекува договорот да биде ратификуван до петок.

Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба со Грција доби европско знаменце и ќе биде по скратена постапка. Пратениците денеска треба да ја изгласаат потребата за донесување на предлог-законот за ратификација, по што ќе отвори дебата во Комисијата за европски прашања. Поради европското знаменцена текстот на Предлог – законот се кратат роковите и дискусиите на Комисијата за европски прашања се ограничени на три дена. По дебатата во оваа собраниската комисија, за договорот ќе се гласа и на пленарна седница. За да се ратификува, потребно е мнозинство од 61 пратеник.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој е и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика реагира на одлуката на Владата предлог-законот за ратификација на Договорот со Грција да се испрати со европско знаменце во Собранието, бидејќи на тој начин оди на расправа во Комисијата за европски прашања.

„Ратификациите се законска надлежност на Комисијата за надворешна политика како матично работно тело во Собранието. Сѐ друго е кршење на законот”, изјави за МКД.мк Милошоски.

Според него, Владата ја злоупотребува својата позиција со цел да ја „протурка” ратификацијата на договорот со што помалку расправа.

Граѓаните кои веќе неколку дена протестираат пред Собранието повикаа на нов протест за денеска во 11 часот за кога е закажана седницата на која на дневен ред е договорот со Грција поради кој и се одржуваат протестите.