Додека Јовески не пресече за барањето од Катица, Фетаи и Бубевски остануваат во „Монструм“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Специјалните јавни обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски остануваат како застапници на СЈО во предметот „Монструм“ кој е под ингеренции на ова обвинителство, додека државниот јавен обвинител Љубомир Јовески не донесе одлука во врска со вчера упатеното барање од притоврената шефица на СЈО, Катица Јанева, за префрлање на случаите од СЈО во ОЈО.

Судијата Огнен Ставрев кој ја води повторената постапка за петкратното убиство на денешното рочиште појасни дека за него, до донесување на одлуката од Јовески, обвинители во предметот се Бубевски и Фетаи.

„Обвинителите кои седат пред мене за мене сѐ уште се обвинители во овој предмет сѐ до одлуката на државниот јавен обвинител, рече судијата Ставрев.

Специјалната обвинителка Јанева завчера од притвор испратила телеграма до обвинителите од СЈО која вчера му беше предадена на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Во писмото таа назначила дека им дава овластување на тимот обвинители предметите кои се во судска, предистражна и истражна постапка од СЈО да се предадат во Основното јавно обвинителство. Одлуката за барањето на Јанева, Јовески треба да ја донесе најдоцна до петок, односно три дена по приемот на барањето.

Објаснување за тоа што ќе се случува понатаму со случајот „Монструм“ на денешното рочиште побараа и родителите на убиените момчиња кои го замолија судијата да им даде објаснување дали предметот и понатаму ќе го застапуваат обвинителите на СЈО и дали ќе почне од почеток.

Судијата Ставрев појасни дека „Монструм“ нема да се врати на почеток бидејќи не се менува судија, туку обвинител, а во тој случај продолжува онаму каде што застанале. Кој обвинител ќе го води случајот „Монструм“ ќе се знае по одлуката на Јовески.

Барањето на оштетените и денес беше исто, односно случајот да остане во рацете на обвинителите на СЈО.