Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Очигледно на поштенскиот државен сектор во Македонија не му оди најдобро со издавањето на поштенски марки. Дали е некој толку неписмен, или едноставно никому не му е гајле, па ни на тие што се задолжени за оваа дејност, тешко дека некој може да каже.
Скандалот со издадената поштенска марка со картата на профашистичката НДХ (Независна држава Хрватска), која предизвика македонската влада да им се извинува на владите на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, само ги разоткри многуте пропусти во начинот на издавањето поштенски марки во Македонија.
Издавањето поштенски марки од името на една држава е многу сериозна и одговорна дејност. Нестручноста, незнаењето и неодговорноста на најодговорните за оваа работа нас нè следат од поодамна.
Имаме примери на поштенски марки на кои името Македонија е отпечатено без „е“ – Макдонија (15.1.2013 со мотив авион, вредност 40 денари).
Марки најавени за 2012, излегоа во 2013 од серијата МК во ЕУ со мотиви Никозија/Претседателска палата 40 денари и пејзаж од Копенхаген 20 денари. На марка на која треба да стои црковна икона од Македонија поставена е странска икона.
На марката со руски астронаут нацртан е американски шлем.
Цртеж на едреник бил преземен од плакат за филм, цртеж на зеленчук бил преземен од проспект за органска храна, за цртеж на автохтона билка е преземен странски цртеж, игуаната е претставена како домашно милениче во нашите краишта…
„Македонска пошта” во 2013 година ја збогати својата колекција на поштенски марки со две скандалозни решенија – поштенска марка со ликот на Реџеп Митровица, премиер на првата квинслиншка влада на Албанија од 1943 до 1944 година и претседател на озлогласената Втора призренска лига, со која се слави 125-годишнината од неговото раѓање, и на Али Риза, соработник, како што тврдат македонските историчари, со фашистичкиот окупатор.
Во вчерашното извинување за марката со картата на голема Хрватска Пошта ја објасни процедурата: Бирото за филателија има надлежност да собира и стручно да обработува податоци, предлага мотиви и подготвува графички и ликовни решенија на поштенските марки, ги подготвува за печатење во согласност со насоките добиени од Советот и др… Советот за поштенски марки именуван од Управниот одбор е составен од 7 члена, четворица претставници од редот на вработените во Пошта и три надворешни члена. Надворешните членови се од редот на лица ангажирани во културни, јавни и научни области (историчари од национални институти (2) и еден е уметник од ФЛУ. Конечната одлука за изборот на мотивите, како и графичките и ликовни решенија на поштенските марки, ја носи Советот за поштенски марки, објаснија од АД „Пошта на Северна Македонија”.Кој го прави изборот на темите, изборот на цртежите, кој контролира пред пуштање во промет?
Од Сојузот на филателисти на Македонија велат дека оваа наведена ситуација со актуелната состојба во издавањето на поштенските марки на нашата држава индицира потреба од целосна реорганизација на оваа служба.
Од Пошта најавија и одговорност, па јавноста чека да го види исходот од тоа.