Добил 50.000 пораки на WhatsApp од причина која тешко можел да си ја замисли


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Скот Форсајт од британски Нортамберленд бил прилично изненаден и зачуден кога на WhatsApp добил 50.000 пораки, кои пристигнувале на неговиот мобилен додека возел кон дома.

„Возев со автомобилот кон дома таа недела, а мобилниот не престануваше да ми ѕвони. Кревав, а во исто време пристигнуваа три или четири нови повици. Мислев дека станува збор за вирус, па почнав да ги одбивам повиците. Но, еден човек кому му кренав на повикот ми рече дека би требало да одам веднаш дома и да проверам Твитер. Ми рече дека бројот ми е објавен на интернет“, раскажува за ВВС Скот.

„Почнав да се смеам, но типот ми рече: „Не, сериозно, Џејми Карагер има 1,3 милиони следбеници на Твитер и го објави твојот број како да е негов. Во паника пристигнав дома, ја замолив девојката да провери на Твитер и таму навистина беше мојот број“, вели Скот.

Имено, бившиот британски фудбалер Гери Невил играл на Treble Reunion, ревијален реприза натпревар од финалето од Лигата на шампионите во 1999 година и промашил „зицер“, а една обложувалница отворила обложување на тоа дека неговиот пријател, исто така бивша британска фудбалска легенда, Џејми Карагер, ќе објави снимка од промашувањето.

Набрзо на Твитер се огласил Карагер и напишал дека не може да ја пронајде снимката од промашувањето на Невил, па ги замолил пријателите да му ја испратат. Набрзо објавил и број од мобилен телефон и замолил снимката да му ја пратат на тој број. Многумина заклучиле дека бројот е негов, или евентуално на Невил, па веднаш се фрлиле на работа.

Подоцна испаднало дека Карагер онака, од памет, го напишал бројот мислејќи дека е непостоечки, а тој навистина бил во употреба и му припаѓал токму на Скот од почетокот на приказната за оваа случка.

Иако овој твит оттогаш е избришан, Скот и понатаму прима еден куп пораки (од кои многу се навредливи), но и повици. Вкупно досега има примено 50.000 пораки на WhatsApp и околу 54 повици во еден час.

„Барем моите пријатели ќе има на што да се смејат“, заклучува тој.