До пред 10 дена беше против промена на Уставот, вчера гласаше „ЗА“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Еден од осуммината пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои синоќа гласаа за пристапување кон промена на Уставот, со што го обезбедија неопходното двотретинско мнозинство, пред само десетина дена во јавноста отворено настапуваше со став дека никој нема право и мандат да го менува Уставот и уставното име на државата.

Станува збор пратеничката Емилија Александрова, која пред десетина дена, реплицирајќи и на пратеничката од парламентарното мнозинство Соња Мираковска во парламентот, изјави:

„Тука не се работи за чувства, ова е законодавен дом каде што работиме според Устав и закони. Ја урнисавте правната држава сакате да го урнисате и Уставот. Референдум е неуспешен и затоа не треба да се бара од пратениците да гласаат за промена на името“.

И Нола Исмајловска – Старова, која, исто така, вчера даде поддршка за отворање на Уставот, непосредно пред референдумот порача дека нема намера да оди, како што рече, против волјата на народот.

„Како пратеник, моја должност е да го почитувам Уставот и да бидам гласот на оние кои ме избрале. Никој не е над волјата на народот, затоа што функцијата треба и мора да биде гласот на луѓето кои живеат во Република Македонија. Верувам во вашата мудрост и немам намера да одам против вашата одлука на 30 септември“, напиша Исмајлоска-Старова.

Покрај нив, од опозициската коалиција поддршка за постапка за уставни измени дадоа Елизабета Канческа – Милевска, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ и Зекир Рамчиловиќ, кои патем поставија неколку услови за да глааат за уставни измени во последната фаза.

Имено, тие меѓудругото бараа уставни амандмани со кои ќе се гарантира македонскиот идентитет, како и промената на уставното име за внатрешна употреба да оди фазно и постепено.

Извор: Фокус