Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Според доктор Нико Беќаровски од скопската Клиника за токсикологија, бројките во днвната статистика за ковид-19 ќе започнат рапидно да растат во следните недели како резултат на доаѓањето на Омикрон-БА 4 и 5 и тоа е лошата вест. Добрата вест е што сепак болниците ќе ни останат полупразни.
Вчера Министерството за здравство на Македонија информира дека во последните 24 часа има 168 нови случаи од 1.101 тестирани, што е висока стапка од над 15 отсто од тестираните. Од нив 28 се реинфекции, соопштија здравствените власти.
Последните бројки што ги објавува Министерството за здравство на Македонија, од 10 јуни наваму покажуваат тенденција на пораст на бројот на заболени од коронавирусот. Сите индикатори покажуваат дека сме пред нов бран. Тоа го покажуваат и бројките на земјите од регионот.
Во Албанија пред два дена потврдени се 550 нови случаи со ковид-19 што беше двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока бројка во последните три месеца. Од направените 1.537 тестови вирусот е потврден кај 550 или 35,8 отсто од тестираните. Регистриран е еден починат, а на болнички третман се 19 пациенти, соопшти Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија. Министерството го повторува апелот граѓаните да се вакцинираат, да се повнимателни, посебно во периодот кој следува кога се зголемуваат контактите поради движењето во летната сезона.
Во Србија вчера се регистрирани 468 заразени со коронавирус, а едно лице починало како последица на заразата. Сегашната епидемиолошка состојба бара да се донесат барем минимум мерки, како задолжително носење маски во затворени простории, јавниот превоз и особено во здравствените установи, што сега само делумно се почитува, вели во интервју за порталот Н1, Д-р Славица Плавшиќ, специјалист по белодробни заболувања. Таа предупредува дека Србија веќе влезе во седмиот бран на коронавирус.
Член на Советот на Здружението Обединети против ковид (УПК) очекува дека во следните седум дена бројот на новозаразени во Србија ќе надмине илјада на дневна основа.
Во Брисел донесена е одлука ЕУ да ја продолжи употребата на сертификатот за ковид-19. Советот на ЕУ вчера даде зелено светло за продолжување на користењето на дигиталните сертификати за ковид-19 до 30 јуни 2023 година.
Проширувањето на таа регулатива ќе обезбеди дека патниците од ЕУ, како и оние од трети земји поврзани со системот, ќе можат да продолжат да го користат својот дигитален сертификат на ЕУ за патувања во Унијата во земјите-членки каде што тие сертификати и понатаму се потребни.